Предвидувањата на Бил Гејтс за 2024 година: Вештачка интелигенција, нуклеарна енергија и – избори

Основачот на Мајкрософт, милијардерот Бил Гејтс, ги напиша своите предвидувања за 2024 година, спомнувајќи вештачка интелигенција и вакцини, но и избори ширум светот.

Во својот блог, Бил Гејтс ги сумира размислувањата за „патот напред“ во 2024 година и најавува голема „пресвртна точка“, со увиди за вештачката интелигенција и технолошките иновации.

„Брзината на иновациите никогаш не била поголема. Ние правиме голем напредок во решавањето на тешките проблеми – како што се Алцхајмеровата болест, дебелината и српеста анемија – кои ќе го подобрат животот на милиони луѓе“, рече тој меѓу другото.

Вештачка интелигенција
Гејтс верува дека експлозијата на вештачката интелигенција во 2023 година е само почеток на технолошкиот тренд кој во уште поголема мера ќе ја обликува блиската иднина. За почеток, напредокот во вештачката интелигенција во голема мера ќе го подобри глобалното здравје, а истовремено ќе овозможи иновации и во развиените и во земјите во развој.

„Вештачката интелигенција наскоро ќе ја забрза стапката на нови откритија со темпо што досега не сме го виделе“, напиша Гејтс, како што објави Сиетл Тајмс.

Вештачката интелигенција би можела да им помогне на заедниците ширум светот во борбата против болестите отпорни на антибиотици, да помогне во управувањето со ризичните бремености и да им олесни на здравствените работници да пристапат до медицински информации.

Сепак, посочува тој, „на ваквите проекти им претстои долг пат“. Предизвиците вклучуваат скалирање на технологијата без жртвување на квалитетот и обезбедување функционалност со текот на времето.

„Ако сега направиме паметни инвестиции, вештачката интелигенција може да го направи светот поправедно место“, напиша Гејтс.

Гејтс верува дека општата популација во земјите со високи приходи е од 18 до 24 месеци од широката употреба на вештачка интелигенција. Во другите делови на светот, тој очекува дека ќе бидат потребни три години.

Глобалниот здравствен напредок
Според Гејтс, светот е блиску до пробив во користењето на суплементи на цревниот микробиом за справување со неухранетоста кај децата.

„Хранењето на бебињата со овој пробиотик им помага да го префрлат својот микробиом во таа позитивна состојба за да можат да пораснат за да го достигнат својот целосен потенцијал“, напиша Гејтс. „Следниот чекор е (се надеваме) пошироко регулаторно одобрување и зголемено, висококвалитетно и сигурно производство“.

Нуклеарна енергија
Според Гејтс, темата за климатските промени напредува бидејќи се повеќе луѓе доживуваат екстремни временски услови.

Голем дел од дискусиите за климатските промени се однесуваат на чистата енергија, која сè повеќе ја вклучува нуклеарната енергија, рече Гејтс.

„Во 2024 година и понатаму, предвидувам дека ќе видиме многу нови иновации кои доаѓаат на пазарот – дури и во многу комплицирани области како нуклеарната“, напиша Гејтс, што секако би било добра вест за TerraPower, неговата компанија за нуклеарна енергија која е основана во 2008 година.

Во секој случај, напиша Гејтс, тој е оптимист. Оваа деценија ќе биде клучна за надградба на електричните мрежи и подобрување на преносот на енергија за да се реализира целосниот потенцијал на чистата енергија, објаснува тој. Но, тој додава дека светот сè уште треба да сфати како да дојде до нула емисии.

Избори низ светот
Во 2024 година ќе се одржат избори во земјите во кои живее повеќе од половина од светското население, вели Гејтс. Овие земји ги вклучуваат Соединетите Американски Држави, Индија, Индонезија и Јужноафриканската Република.

Резултатите од изборите „ќе ја обликуваат иднината на глобалното здравје и климата“, смета Гејтс.

„Кога би можел да им посакам една желба на сите луѓе што ќе излезат на гласање следната година – без разлика каде живеат – тоа би било да ги земат предвид избраните лидери кои ја разбираат важноста од инвестирање во човечкиот развој ширум светот“, напиша Гејтс.

Денес, климатските промени се предизвик кој бара глобално внимание и поддршка, додаде тој и предупреди дека светот не е подготвен за уште една пандемија слична на Ковид-19.

„Верувам дека изборите во 2024 година ќе бидат пресвртница и за здравјето и за климата“, заклучува Гејтс.


1172

Задолжително

Verified by MonsterInsights