March 2, 2024

ПРОДОЛЖУВА РЕАЛИЗАЦИЈАТА НА ПРОЕКТИ И АКТИВНОСТИ ВО СОУ ГИМНАЗИЈА „ЈОСИП БРОЗ ТИТО“

Со поддршка од Општина Битола, во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ се реализираат активности и проекти кои придонесуваат за осовременување и унапредување на условите за учење и работа и се во насока на подобрување на квалитетот на воспитно-образовниот процес. Директорката на Гимназијата Лидија Споа и дел од стручниот тим на училиштето, при денешната посета на градоначалникот Тони Коњановски, изразија голема благодарност за соработката со општината и континуираната поддршка, благодарение на што овозможена е реализација на повеќе проекти и активности, а веќе се прават подготовки и за реализација на идните проекти.

Во првото полугодие од учебната 2023/2024 година, во Гимназијата реализирани се проекти и изработени се проектни документации во вкупна вредност од околу 885 000 денари.

Во реализираните активности во првото полугодие, се вбројуваат и набавка на 12 кутии за мобилни телефони во сите училници, поставени букви на фасадата, над главната влезна врата на Гимназијата, како и набавка на училишен мебел, нови бироа за стручната и административната служба на Гимназијата, набавка на материјали и опрема за кабинетите по хемија и физика, а набавена е ИКТ опрема како и опрема за подобрување на интернет мрежата и друга информатичка и видео опрема. Поставени се венецијанки на прозорците во сите училници (јужна фасада), на 3 спрата и во хемискиот кабинет во вредност од156 043 денари.

Во кабинетот за странски јазици направена е библиотека, како и доуредување во кабинетот историја – географија.

Во вредност од 147.605 денари, изработени се и проектни документации, со што училиштето е подготвено за реализација на следните 3 проекти: Проект за промена на внатрешна столарија – врати, плочки на третиот спрат, како и промена на плочки и осовременување на хемискиот кабинет, проект за санација на партерен ѕид, промена на дел од ограда од ковано железо и санација на надворешни скали и Проект за изградба на настрешница во функција на летна училница во делот од дворното место на Гимназијата.

Ваквата подговеност, најавува продолжување на инвестициите во училиштето и понатамошна успешна соработка со Општина Битола.


1119