March 2, 2024

ОДБЕЛЕЖАНИ 152 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО БИТОЛА

На 4 февруари, 1872 година, во Кукуш е роден еден од најголемите македонски великани, Гоце Делчев. По тој повод, одбележувајќи 152 години од неговото раѓање, бројни делегации положија свежо цвеќе пред Спомен куќата на македонскиот револуционер, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење.

Во чест на денешниот ден, свежо цвеже положи делегација од општина Битола, предводена од градоначалникот Тони Коњановски, претставници на Советот на општина Битола, претставници на политичките партии и нивните унии, претставници на ОО на Сојузот на борци Битола, делегации на установи кои го носат името на македонскиот великан, делегации од други држави кои што денес беа дел од Семакедонскиот собир, како и други граѓански организации.

Градоначалникот Тони Коњановски, во оваа пригода истакна дека се ретки македонските великани како Гоце Делчев. Неговите дела продолжуваат да имаат значење во современата македонска историја и култура како симбол на националниот пат кон независност и слобода.

„Гоце Делчев е наша ѕвезда водилка, кон жестината на истрајноста, повеќе од било кога, да го вреднуваме и почитуваме нашето Македонско, што го имаме: јазик, култура, традиција, писмо, слобода“, посочи Коњановски.


1102