Во сојуз, унија или алијанса?

Пишува Петар Поп-Арсов

Некој ќе каже дека сето тое е сосема исто?! Можеби да, можеби не? Лингвистички гледано, тие се сосема во право. Сите три термини својот корен и НЗС го наоѓаат во зборот башким, башкими, така некако. Но, нешто што повеќе не интересира од лингвистичкиот контекст во овој момент е политичкиот, односно дали постои политичко НЗС меѓу овие три термина? Секако дека постои! Има ли потреба од аргументација? Но, постојат и разлики, макар и во нијанси. Нијанси кои даваат каков таков колорит во македонскиот политички спектар.

Во моментов минуваме низ денови на политички вакум. Чекаме избори. Функционира техничката влада за нивното спроведување, а тие сѐ уште не се официјално распишани. Собранието не е распуштено, работи со полна пареа и носи закони. Претседателот на државата е тука некаде, и тој функционира, иако впечаток е како да го нема, што и не е нешто ново.

Си имаме сѐ! Влада, премиер, министри, собрание, пратеници, претседател. Вистинска идила. Наеднаш како да падна онаа тензија која со себе ја носеше владата на Ковачевски и неговиот претходник, Заев. Како да го снема оној облак на неизвеснот и бесперспективност кој го создаваше најнеспособната политичка гарнитура во историјата на Македонија.

Кој би рекол дека набргу ќе имаме избори, дека ќе започне финалната пресметка со политиките на неспособните?! Навистина, оваа власт ги прави последните рефлексни импулси со цел да ја докомплетира својата одамна започната деструктивна мисија, да доукраде што може да доукраде, но и тоа не е ништо ново.

Минуваме низ денови кога во јавноста зачестено и интензивно се објавуваат анкети и резултати од истражувања за односот на политичките сили и предвидувања за исходот на следните парламентарни избори. Се чини дека исходот е извесен, особено во македонскиот политички блок. Тука се знае победникот. Се знае кој ќе победи и, кажано во фудбалски жаргон, кој ќе ги освои трите бода.

Но, ова нема да бидат избори само за бодови. Ова ќе бидат избори на кои што ќе се игра на „гол разлика“. Гол разлика која ќе го определи вистинскиот победник. Гол разлика која ќе одлучува за тоа дали ќе имаме промена или продолжување на актуелната политика која што доега ја водеа владите на СДСМ.

До тука некаде работите се јасни и предвидливи. Но, што е тоа што останува да биде расчистено и разјаснето за да ја добиеме комплетната слика која што ќе го предвиди и проектира крајниот исход од изборите. Албанскиот политички блок во Македонија, или покоректно кажано, политичкиот блок на етничките Албанци во Македонија. Тука лежат клучните непознати варијабли кои ќе го определат решението на македонската равенка.

Кој со кого, кој против кого, и на крајот, заедно со кого?
ДУИ е најголемата партија на етничките Албанци во Македонија. Партија која повеќе од дваесет години победува во албанскиот блок и речиси исто толку години континуирано учествува во власта. Структура која од паравоена формација се трансформираше во политичка организација. Може слободно да се каже дека е една од најстабилните политички партии во историјата на македонскиот партиски плурализам. Партија со стабилна структура, со партиски лидер кој ја држи таа позиција за целото време на нејзиното досегашно постоење. Звучи чудно и несвојствено за демократијата, но претседателската позиција на Ахмети ниту еднаш не беше проблематизирана или доведена во прашање од членството на оваа партија. Згора на тоа, ниту јавноста, во ниеден момент не го доведе во прашање лидерското место на Али Ахмети. Тоа претставуваше единствената константа, не само во реалноста, туку и во менталниот склоп и поимањето на домашната политика кај македонскиот граѓанин. Непојмливо беше да се помисли дека некој од граѓаните, без оглед на тоа дали е етнички Македонец или Албанец, гледа друг политичар на претседателското место во ДУИ. Тоа е онаа најинтересната и демократски најнесвојственота карактеристика на ДУИ.

Навистина, оваа партија имаше и одредени осцилации. Имаше поситни внатрепартиски превирања, како и сериозни пресметки како онаа со „Огнената група“, но секогаш наоѓаше начин да се „задржи во седло“. Ги паметиме и оние „хокеарски замени“ на речиси цела гарнитура која што беше во власта со ВМРО до 2016 година, со нови структури подобни за соработка со екипата на Заев и Ковачевски.

Беа вистински фактор на стабилност за секоја влада во која што учествуваа. Затоа толку се задржаа на власт. Влегоа во сериозни бизниси кои во нормални држави се нарекуваат криминал и корупција. Метастазираа во сите општествени органи и ткива.Им досадија и на Бога и на луѓето, да се изразиме фигуративно. Дури и на Курти му дојдоа преку… глава.

Тоа е феноменот ДУИ!
Феномен кој полека слабе и конечно добива конкуренција и вистински политички ривал. Европскиот сојуз за промени е новиот сојуз на веќе етаблирани политичари во албанскиот политички блок кои се решени да му стават крај на владеењето на ДУИ. Сите анкети говорат за тоа дека оваа опција е препознаена како вистинска алтернатива во албанскиот политички блок што дополнително ја потврдува констатацијата дека ДУИ на сите им е здосаден и дека веќе не претставува структура со јасна и дефинирана геометриска форма и политичка визија, туку претставува аморфна маса разлеана насекаде низ општеството која се шверцува на европската приказна.

Европскиот сојуз за промени, без оглед на тоа што зад себе ја нема традицијата како што тоа го има ДУИ и без оглед на тоа што дури допрва ќе треба да се докажува и да ја потврдува сопствената политичка зрелост и стабилност, претставува вистински хит на македонската политичка сцена. Претставува вистинско решение за монизмот во албанскиот политички блок кој егзистира повеќе од дваесет години,следен од некаква си опозиција во форма на козметичка апликација.

Европскиот сојуз за промени претставува новина која нуди опција на македонската политичка сцена. Нуди право на избор и можност за политички натпревар во ова заробено општество. Не велам дека тие се идеано решение или нешто што ќе нѐ спаси од перманетниот негативен тренд во македонската политика, но дека се алтернатива, опција и дополнителен избор, дефинитивно се!

Мерењата покажуваат дека нивниот рејтинг е мнгу близок или речиси ист со оној на ДУИ. Токму затоа е борбата за Алијанса на Албанците, која со свјот мал рејтинг може да претставува сосема доволна политичка сила која што ќе и донесе превласт на едната или другата страна во албанскиот политички блок. Битката за Алијанса всушност е битка за тоа дали новата постизборна влада ќе се прави врз основа на освоените бодови од страна на победниците или ќе мора да се употреби голразликата како единствено излезно решение од оваа ситуација.

Тука доаѓаме до ВМРО-ДПМНЕ. Партијата која што според сите мерења, во моментов ја има победата. Ја ужива поддршката на граѓаните и претставува најсериозна политичка сила за формирање на идната влада.

Но, тоа не смее да биде обична победа. Тоа треба да биде победа изразена во сериозна разлика на пратенички мандати. Победа со сериозна гол разлика. На сите треба да име биде јасно, како на оние кои што активно учествуваат во политиката, така и на оние кои даваат поддршка и се интересираат за политичкиот живот во државата, дека сите оние дилеми за исходот на натпреварот во албанскиот политички блок можат едноставно да бидат решени и бајпасирани со убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ.

Онолку убедлива колку што е потребно да се формира стабилна влада. Влада со владина коалиција на природни партнери кои во моментов се обидуваат да ја срушат оваа власт. Стабилна влада која што ќе може да ги движи процесите во државата без уцени и закани.

Затоа, слободно можеме да заклучиме дека на овие избори етничките Албанци во голема мера ќе одлучуваат за тоа кој ќе победи во тој блок и кој ќе биде можниот политички партнер во новата влада, но Македонците се тие кои ќе одлучат дали партнерството ќе биде природно и политички логично или изнудено и натурено како продукт на политичките закономерности.


1085