Распишани претседателските и парламентарните ИЗБОРИ 2024

Претседателот на Собранието Јован Митрески попладнево ги распиша претседателските и парламентарните избори 2024. Првиот круг од претседателските избори се закажани на 24 април, додека вториот круг ќе се одржи заедно со парламентарните избори на 8 мај.

– Денеска, во согласност со мојата уставна надлежност и уставно предвидените рокови, ги потпишав решенијата за распишување на изборите за претседател на Република Северна Македонија и за пратеници во Собранието. Како што е познато, првиот круг од седмите претседателски избори во земјава ќе се одржи на 24 април 2024 година, додека вториот изборен круг за претседател ќе биде во ист ден со гласањето за единаесеттите парламентарни избори, односно на 8 мај, рече Митрески.

Согласно Изборниот законик, роковите за спроведување изборните дејствија почнуваат да течат од денот на објавување на Решението во Службен весник.

-Верувам дека во изборниот период што претстои, сите надлежни институции, но и сите инволвирани субјекти ќе дадат свој придонес да имаме фер и демократски изборен процес, на ниво какво што заслужува една демократска држава, членка на НАТО, држава која го оди патот кон полноправно членство во Европската Унија, рече Митрески.

Република Северна Македонија, во последните изборни процеси, рече тој, покажа дека има капацитет да организира демократски избори, во согласност со европските вредности и принципи.

– Како држава воспоставивме стандарди кои мора само да ги унапредуваме и надградуваме и во никој случај не смееме да дозволиме да се вратиме назад. Гласањето на избори, односно можноста граѓаните преку гласачкото ливче да го искажат сопствениот став, е врвен чин на демократијата. Тоа е можност граѓаните со својот глас да ја определат својата иднина. Убеден сум дека и на овие избори граѓаните ќе го направат вистинскиот избор и ќе изберат иднина каква што посакуваме и каква што нашата држава заслужува, рече Митрески.

Откако решението за изборите ќе биде објавено во Службен весник, треба да заседава Државната изборна комисија која ќе усвои роковници со што и официјално ќе почнат да течат изборните дејствија.


1044