April 17, 2024

Пазарот во Битола во фокусот на проектот „Битола – град на мултикултурализмот”

Со проектот „Битола – Град на Мултикултурализам“ здружението на граѓани Together Macedonia ја пренесувa пораката за стотици години соживот на различни култури и обичаи, градот Битола, да е позитивен пример како може да се цени културата, традициите и да се негуваат позитивните вредности во еден град. Во прилог, следи интервју со Илче Здравески, директор на ЈП Пазари Битола, фирма која даде несебична поддршка за да се реализира и спроведи проектот, без да се попречи движењето на граѓаните и секојдневното работење на тезгаџиите.

1. Како се снаоѓате како директор, со какви предизвици се соочувате? 
– Во улогата на Директор на ЈП “Пазари“, се соочувам со многу предизвици поради комплексноста на ова претпријатие. Еден од главните предизвици е да ги задоволам потребите и очекувањата на нашите клиенти и вработени, па поради тоа имам одговорност да воспоставам висок квалитет и сервис што го одржува нашиот пазар конкурентен. Околу 400-500 фамилии се прехрануваат токму од продажбата во пазарот, а за сето тоа да се постигне, потребна е координација на многу аспекти, како локација или обезбедување соодветен продажен простор, безбедност, управување на ресурси и привлекување на разнобразни продавачи и купувачи, со цел да се зголеми продажбата и фреквенцијата во пазарот.

2. Што Ве мотивираше да ја дадете вашата поддршка на проектот „Битола – град на мултикултурализмот“?  
-Првично соработката помеѓу ЈП Пазари и здружението Together Macedonia започна со претходниот директор Никола Гацоски, кој ја постави основата за реализација на проектот уште во Јули 2023 година. Јас кога бев назначен на позиција директор во Јануар 2024та, се запознав со проектот „Битола – град на мултикултурализмот”, лично ги посетив сите локации на кои се изведуваа фото и видео сесии од извршителите, и бев инспириран поради тоа што сакам да ја изразам својата поддршка со цел промоција и развој на пазарите во Битола како вистински центар за култура и како долгогодишна традиција. Верувам во долгорочнот потенцијал на овој проект, бидејќи го промовира мултикултурниот идентитет на Битола, го користи потенцијалот на Пазарот како едно место за интеграција и заедничко доживување, и поради тоа е од големо значање за нас како фирма, но и за нашиот град. Идеата е да го обогатиме пазарот со различни културни симболи и да создадеме отворен простор каде што луѓето од сите културни позадини може да се сретнат, да споделуваат и да учат едни од други. Да го вратиме стариот дух на пазарот, да го направиме атрактивно место каде што со гордост ќе пазарат нашите граѓани.

3. Како проектот се усогласува со мисијата и вредностите на ЈП Пазари во Битола?
Ваква форма на промоција на пазарот во Битола може да достигни светски размер, да се зголеми бројот на туристи во пазарот но и во Битола, да се документираат сите историски факти за пазарот, и да се постават одлични услови за идни развојни проекти каде ќе се вреднува иторијата и ќе се вложува во иднината на граѓаните на Битола и на корисниците на тезги на нашиот градски пазар.
Проектот го промовира мултикултурниот идентитет на градот Битола преку неговото вклучување на различните културни заедници и традиции во активностите на пазарите, исто така создава простори за интеграција на различни културни заедници преку заеднички активности на пазарите. Ова поттикнува уважување, разбирателство и соработка помеѓу различните групи на луѓе, што ги одразува вредностите на ЈП Пазари во Битола за инклузивност и разнообразие. Проектот ги користи пазарите како места за заедничко доживување и учење, што може да допринесе за зголемување на социјалната кохезија и развојот на локалната заедница.

4. Како замислувате проектот да придонесе за културното наследство на Битола и да остави траен впечаток на идните генерации?

Преку посредство на различни културни настани, образовни програми и соработка со локалните заедници, проектот може да ги развива меѓуетничките односи, да го зајакне идентитетот на градот и да ја промовира Битола како модел на мултикултурна хармонија и разнообразие.

5. Можете ли да дадете преглед на историјата и значењето на ЈП Пазари во локалната заедница? 
– ЈП Пазари има богата историја и значење во локалната заедница на Битола. Од своето основање, пазарот служи како основно место каде се среќаваат понудата и побарувачката на свежа храна, занаетчиски производи и други потребни стоки. Со текот на времето, тој се развил во центар за културна и социјална интеракција, каде луѓето се среќаваат, споделуваат и доживуваат богатството на мултикултурниот живот во Битола.

Од неодамна прославивме 70 години од постоењето на нашето претпријатие и со гордост можеме да кажеме дека токму овој пазар стопанисува со најголема површина во регионот, односно на Балканот.

6. Кои се некои од уникатните карактеристики или атракции на ЈП Пазари што го издвојуваат од другите пазари во регионот?

– Како што спомнав и претходно, пазарот во Битола има долга историја, која се издвојува со својот стил и традиција, разновидноста на производите, традиционални занаети и автентичната атмосфера за посетителите која трае со векови. Пазарот е место каде што може да се најдат мајстори кои изработуваат традиционални дрвени и метални производи, везеници, џамбази и други рачно изработени предмети. Исто така се издвојуваме по широката разновидност на производи, вклучувајќи свежи плодови и зеленчук, традиционална храна, рачно изработени занаетчиски производи и облека. И покрај тешката ситуација која ја предизвика Ковид пандемијата со која се соочивме како претпријатие, а од која за жал и ден денес се чувствуваат последиците, ние и понатаму успешно опстојуваме и се бориме со предизвиците кои се наметнуваат.

Во текот на Март предвидена e јавна промоција на проектот и видеата изработени во рамките на проектот „Битола – Град на Мултикултурализам“. Проектот е изработен со поддршка на програмата „Цивилен механизам за отпорност“ финансиран од Европската Унија. Неговата содржина е единствена одговорност на проектот „Битола – град на мултикултурализмот“ и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија“


3626