Изгоре Универзална сала, дел од историјата на Скопје: Три лица на распит во полиција, две згрижени на Токсикологија
Тројца работници се приведени на распит во полиција во врска со пожарот во кој изгоре дел од Универзална сала, еден од симболите на Скопје. Работниците биле во објектот за време на пожарот. Две жени од соседството биле пренесени на Клиника за токсикологија поради вдишување густ чад од пожарот.
За неполн час изгоре голем дел од внатрешноста на Универзална Сала во пожар што избувна утринава. Во огнот, нема загинати, а две лица, од околните згради биле пренесени на Клиниката за токсикологија поради вдишување густ чад од запалениот објект.
За пожарот, како што соопштија од МВР, на распит се повикани три лица кои, како што се вели, биле градежни работници, присутни во објектот во моментот кога се случил пожарот.
„Во врска со пожарот, во полициска станица од општа надлежност ‘Центар’ се приведени тројца градежни работници кои изведувале работни задачи во моментот на пожарот и тоа Б.Р. (50), З.Т. (60) и Б.И. (53)“, известија од МВР.

Универзална сала беше под Град Скопје, но откако градот се откажа од нејзина реконструкција, таа премина во владение на Министерството за култура.
Нема загинати, нема повредени. Направена е материјална штета, која наскоро ќе се утврди и потоа ќе се продолжи со градба
Бисера Костадиновска-Стојчевска, Министерка за култура
„Нема загинати, нема повредени. Направена е материјална штета, која наскоро ќе се утврди и потоа ќе се продолжи со градба“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која додаде дека објектот бил обезбеден со осигурување за ваков тип настани.
Во февруари годинава министерството најави дека салата ќе се реконструира во нејзиниот оригинален изглед. За изведувач беше избрана фирмата „Универзал Балкан“ од Скопје.
Според изведувачот, пак, фирмата „Универзал Балкан“ која ја изведува реконструкцијата, во салата не се изведувале градежни активности денеска, но биле присутни двајца чувари, инженер и работник. Од фирмата велат дека немаат сознанија дали пожарот настанал поради човечки фактор.
„Не можам да кажам, инженерите не виделе ништо. Можно е. Ние салата ја чуваме три години. Имало ситни проблеми, во смисла на искра од кабел и слично“, рече Лазар Арсоски, еден од сопствениците на „Универзал Балкан“.
