Во МАНУ отворена изложбата „Три генерации Ташковски“ – голема уметност, талент и дарба во една фамилија

„Академикот Васко Ташковски со изложбата сакал да ги одбележи сликарските корени на трите различни генерации претставници на различни сликарски правци. Со оваа изложба Ташковски одбележува 30 години членување во МАНУ и 10. изложба во изложбениот простор на МАНУ“, истакна претседателот на МАНУ, Живко Попов. Тој ги претстави и делата на Лара Ташковска, ќерката на Васко Ташковски и Ристо Ристовски, неговиот татко, кои се исто така дел од изложбата отворена во галеријата на оваа институција

„Вистинско чудо е колку уметност, талент и дарба природата дала во само една фамилија“. Со овие зборови академикот Живко Попов, претседател на Македонската академија на науките и уметностите завчеравечер го започна претставувањето на делата и авторите од изложбата „Корени – три генерации Ташковски“, која беше отворена токму во галеријата на МАНУ. Просторот беше исполнет со голем број љубители на уметноста и пријатели на академикот Васко Ташковски (1937), кој беше и иницијатор за една ваква изложба на која можат да се видат не само негови дела туку и делата на неговиот татко Ристо Ристовски (1912 -1989) и неговата ќерка, уметница Лара Ташковска.

Академикот Попов, прво пред присутните ги претстави делата на таткото на Васко Ташковски, Ристо Ристоски, укажувајќи на неговиот талент за сликање.

„Од немајкаде сликар, до втемелувач на наивата. Наспроти трауматските и обесхрабрувачки здравствени проблеми сликањето кај него започнува на доцна возраст, како занимација за отстранување од суровата реалност и занемарување на лошите мисли. Но, тоа се претвори во уметнички продукт со културолошко и историско значење за македонскиот народ и нација. Преку шестгодишното дружење со боите и хартијата, во 314 слики во темперна техника, тој го насликал својот автопортрет, теми од својот живот. Со непресушна внатрешна возбуда тој ја слика природата, времето минато и сегашно и со целосна посветеност и секојдневна упорна работа тој ги реализира своите детски, младешки и визионерски случувања вбројувајќи се во пионерите на наивната уметност во Македонија“ посочи Попов. Тој додаде дека академикот Васко Ташковски со изложбата сакал да ги одбележи сликарските корени на трите различни генерации претставници на различни сликарски правци.

„Со оваа изложба Ташковски одбележува 30 години членување во МАНУ и 10. изложба во изложбениот простор на МАНУ, а ги презентира резултатите од последните 7 години и исто толку од последната негова изложба во овој салон. Темите на овие проекти се насловени: Енергии во просторот, Стара архитектура, Охридската инспирација, Пополнување на празнините, но има и слободни теми. Овие слики досега не биле изложувани. Непосредно пред изложбата го прашав академикот Ташковски колку има идеи, скици за наредни слики. А одговорот беше над 13 000 илјади“, посочи Попов. Тој го претстави и „третиот корен“ неговата ќерка Лара.

„Ќеркарта Лара Ташковска е трета генерација на сликари Ташковски, која негува ведра фантастика со нагласен симболизам, лиризам и магија на вегетацијата во природата. Ова мисловно сликарство изразено со класичен стил на сликање каде идејата, цртежот и бојата се реализирани на завидно професионално ниво и секако тоа не го остава гледачот рамнодушен“, истакна академикот Живко Попов.

Изложбата за отворена ја прогласи академикот Газанфер Бајрам, кој е и член на одделот за уметноста.

„На изложбата се изложени шеесетина слики. Ристо Ристовски во своите дела дава пресек на селскиот живот. Во каталогот Гоце Божурски во предговорот ќе напише дека Ристо кон сликањето приоѓа со нескротлива енергија, непресушна внатрешна возбуда и незапирлив порив. Благодарение на Ристовски можеме да го видиме светот во кој живеел, на кој се присетувал и кој веќе не постои. Направил извонредна трилогиска хроника на Нижополе. За опусот на Васко напишано е многу. Во неговото творештво се гледа посветеност кон природата во која живееме, го чувствуваме минатото, сегашноста и иднината… Овде се застапени и делата на најмладата Лара. Таа прави контраст од студениот кристал до пламтечкиот оган претставени преку геометријата на цртежот, а во творечкиот израз се доминантни три елементи водата, воздухот и земјата. Да им посакаме на Ташковци уште многу работна сила, добра рака и непресушна инспирација“, кажа академикот Газанфер Бајрам.

Самиот академик Ташковски се заблагодари за интересот за делата од ова изложба, а Лара која се претстави со дела изработени изминатите пет години  посочи дека без посетителите, всушност, изложбата не би имала смисла. (Д.Т.)                   

Фото: Ѕ.Плавевски


1089