МАКЕДОНСКАТА РАКОМЕТНА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА СЕ ПЛАСИРАШЕ НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО 2025 ГОДИНА ВО НЕВЕРОЈАТЕН НАТПРЕВАР ПРОТИВ ФАРСКИТЕ ОСТРОВИ

Македонските ракометари во реваншот против Фарски Острови одиграа неверојатен натпревар (34-26) и се пласираа на Светското првенство (СП) во 2025 година, а селекторот Кире Лазаров им се заблагодари на сите кои верувале во успех.

Лазаров кажа дека ракометарите брзо го заборавиле неуспехот на гости кај Фарски Острови и вечерва одиграле еден од најдобрите натпревари.

„Сакам да се заблагодарам на сите кои веруваа дека овие момци може да направат пресврт. Сакам да се заблагодарам на публиката која дојде да ни даде поддршка. Среќен сум што можам да кажам дека го одигравме најдобриот натпревар, со целосна контрола на играта, без судиска поддршка во текот на мечот против квалитетна репрезентација. Уште пред да играме, повеќе пати давав изјави за квалитетот на Фарски Острови, но сите сметаа дека тоа е алиби доколку изгубиме. Им благодарам на играчите кои веруваа и се вратија од еден лош резултат. Игравме слабо, но имаше и други фактори кои придонесоа за тоа. Ова е нова репрезентација без Стоилов, Миркуловски и останатите. Друго е квалификации на ЕП, друго е бараж за СП. Горд сум на моите ракометари, сменивме многу работи. Таков е нашиот менталитет, не знаеме да почитуваме како Македонци, меѓутоа имаме големо срце. Немам коментар за критичарите, ова е уште еден среќен ден во мојот живот. Ракометарите на Фарски Острови играат од моќни тимови како Кил, додека голем дел од нашите играчи се од Македонија“, посочи Лазаров.

СП се игра од 14 јануари до 2 февруари 2025 година, а ќе се одржи во Хрватска, Данска и Норвешка.

Македонската ракометна репрезентација вечерва со 34:26 ја победи селекцијата на Фарските Острови и се пласираше на Светското првенство во 2025.

Македонските ракометари предводени од селекторот Кире Лазаров, со резултатот од плус осум ги надокнадија седумте гола разлика од Фарските Острови и со тоа повторно се учесници на најголемото ракометно натпреварување.

Најефикасен во македоднската селекција беше Жарко Пешевски со 8 гола, а Филип Кузмановски постигна 7 гола.

29. Светско првенство  ќе се одржи во Хрватска, Данска и Норвешка од 14 јануари од 2 февруари 2025.


1033