ЗДРУЖЕНИЕТО „ОД РАКА НА РАКА“ ОД ШВЕДСКА СО ДОНАЦИЈА ЗА АКУШЕРСКИОТ ОДДЕЛ И НЕОНАТОЛОГИЈА ВО КЛИНИЧКАТА БОЛНИЦА

Повеќегодишните соработници на Општина Битола, семејството Русенгрен од Кралството Шведска, преку нивното Здружение „Од рака на рака“ (Hand Till Hand), во соработка со непрофитабилната организација „Macedonia Schools project“ од САД, чиј претседател е македонски иселеник, Блажо Миташев и со техничка поддршка од битолските јавни претпријатија, овозможија донација за подобрување на условите на акушерскиот оддел и неонатологија во Клиничката болница во Битола. Со оваа донација во вредност од 15.000 евра, извршена е реконструкција на санитарните јазли на одделението, поставена е топлинска пумпа и овозможен е постојан доток на топла вода, со што се подобруваат условите за пациентките и новороденчињата на овој оддел.

На денешната средба со дел од одговорните лица на одделението, присуствуваше и градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој напомена дека, при разговорите со донаторите кои претходеа во изминатиот период и како лекар и како градоначалник, посебно ја потенцираше и иницираше потребата од вакви инвестиции за подигнување на квалитетот на условите во здравствените установи, пред се во битолската болница, иако оваа област не е во надлежност на локалната самоуправа. Тој истакна дека во идниот период од особена важност ќе бидат вложувањата во здравството, преку донации, но и директни вложувања од ресорното министерство, за да може да се надминат недостатоците и да се овозможи квалитетна здравствена услуга за сите граѓани.

Марија Русенгрен, се заблагодари за соработката и поддршката од градоначалникот, како и до одговорните лица од акушерското одделение и неонатологија, Д-р Елизабета Чипуровска и Д-р Николина Ристевска, нагласувајќи дека посветува огромна љубов и желба во обезбедувањето донации за подобрување на условите во институциите во Македонија – државата од каде што потекнува. Таа потенцираше дека, покрај денешната донација, со градоначалникот Коњановски, веќе е договорена донација за промена на дограмата во подрачното училиште „Тодор Ангелевски“ во Стрелиште, но заинтересирани се, преку своите соработници и донатори да помогнат и во инвестиции во други воспитно образовните објекти.

Коњановски се заблагодари за соработката, нагласувајќи дека хуманоста и конструктивноста на сите соработници на општината, посебно е важно да продолжат и во идниот период, со цел преку заеднички пристап, да се овозможи напредок во сите значајни области за граѓаните.


1143