ДИК го поништи гласањето во седум избирачки места, нерегуларности во Желино, Крушево, Долнени, Струга и Охрид

Државната изборна комисија вчера на јавна седница која траеше до 4 часот наутро, одобри вкупно седум приговори, односно го поништи гласањето на седум избирачки места за парламентарните избори кои се одржаа на 8 мај. ДИК го прифати приговорот на коалицијата ВРЕДИ, кој се однесува на гласање на избирачкото место 2102 во Желино. Во приговорот е наведено дека 110-те гласачи кои го оствариле своето избирачко право, немале отпечатоци на апаратот, туку гласале само со матичниот број и со скенирање на личната карта. Арбен Таравари очекува во шестата ИЕ каде што поднесоа приговори ДУИ да изгуби еден пратеник.

-Постои ДИК, нека одлучи, таму има претставници од сите партии. Доколку има потреба за прегласување, треба да се прегласува, на крајот како ќе излезат резултатите не можам да предвидувам, но голема е можноста особено во ИЕ6, ДУИ многу лесно да изгуби еден патеник-рече Таравари.

Од друга страна, за ЕФ ова претставува злоупотреба како и партиска и институционална кражба на два нивни мандати.

-Сите вчера бевме сведоци дека до доцна утрото, вклучително и ние и медиумите и меѓународната заедница, за бруталната злоупотреба на ДИК и обидот за партиска и институционална кражба без никаков аргумент на два мандата на Европскиот фронт и договорот меѓу ВМРО, СДСМ и ВРЕДИ. Неправедно и со надгласување, како во времето на монизмот во ДИК, донесена е одлука за прегласување на некои избирачки места во 5-та и 6-та изборна зона, токму во избирачките места каде победници се страните кои се жалат-изјави Аљми Азири.

До Државната изборна комисија пристигнаа уште шест приговори поднесени од ВМРО-ДПМНЕ. Станува збор за избирачките места 1272 во Охрид, 1844 во Струга, 1470 и 1470/1 во Долнени како и за избирачките места 1194 и 1202 во Крушево. Приговорите во Крушево се прифатени бидејќи бројките во записникот и апаратот за биометриска идентификација не се поклопуваат. Што се однесува до гласачкото место 1272 во Охрид, констатирано е дека записникот не е уредно пополнет, а има и корекција на бројот на гласачи со ракопис.

Врз основа на бројот на гласачи на сите овие избирачки места за кои се пристигнати приговори, ДИК најавува дека тие ќе влијаат на бројот на освоени мандати, на штета на Европскиот фронт.

Против одлуките на ДИК може да се поднесе жалба до Управниот суд во рок од 24 часа од примањето на одлуката, а Управниот суд по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа. Инаку, до ДИК стигнале вкупно 27 приговори од политички партии. Девет од коалицијата ВРЕДИ, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица.


1080