Таравари: Албанците во Северна Македонија ќе имаат претседател на Собранието и шест министри во новата влада

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари кој беше кандидат за претседател на Република Северна Македонија на коалицијата Вреди на последните избори, во интервју за Косовската радиотелевизија – РТК, изјави дека Албанците, по парламентарните избори одржани на 8 мај, ќе имаат претседател на Собранието, а во идната македонска влада и шест министри.

Таравари изрази уверување дека коалицијата Вреди во новата македонска влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде претставена достоинствено, со стручни луѓе.

-Верувам дека (ќе имаме) една од трите главни функции во државата, односно претседател на Парламентот и во иднина ќе биде Албанец, и значителен број министри. Особено таму каде што имаме експерти, ние како партија Вреди ќе ги именуваме. Верувам дека ќе бидеме претставени достоинствено, со стручни луѓе, рече Таравари.

Тој, како што јави дописникот на МИА од Приштина, најави дека конституирањето на Собранието ќе се случи на крајот на овој месец, додека новата Влада очекува да биде изгласана во првиот дел на јуни.

-Конституирањето на Собранието е планирано да се случи некаде на крајот на овој месец, месец мај, а во меѓувреме, кон крајот на следната недела, ќе ги имаме и кадровските избори и владината програма. Откако ќе се конституира Собранието, претседателот на државата мора да го даде мандатот на идниот мандатар. Во првата половина на јуни сигурно ќе ја имаме новата влада, изјави Таравари во синоќешното интервју за косовскиот јавен радиодифузер.

Коалициските партнери, според Таравари, се согласиле приоритети на новата влада да бидат патот кон Европската унија, бескомпромисната борба против криминалот и корупцијата и функционирањето на правната држава.


1139