НОВА СПОРТСКА ОПРЕМА И СПОРТСКИ РЕКВИЗИТИ ЗА ОСНОВНИТЕ И СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА ВО ОПШТИНА БИТОЛА

Општина Битола, согласно Програмата за спорт и млади, издвои 500.000 денари за набавка на нови спортски реквизити за училиштата во Битола, со кои ќе бидат заменети старите и оштетени, а во некои училишта со оваа набавка се овозможуваат услови за непречена реализација на спортските активности. Постапката за набавка на спортската опрема и реквизити, општината ја спроведе согласно доставените барања од училиштата, врз основа на кои, денес истите беа предадени на претставниците од воспитно образовните институции. Опремата вклучува пинг понг маси, обрачи, мрежи и табли за кошови, топки за фудбал, кошарка и одбојка.

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, истакна дека, ова е еден од начините на кои локалната самоуправа овозможува поддршка за училиштата со цел поттикнување на спортскиот дух кај младите, подобрувајќи ги условите, а истовремено преку реновирање и изградба на нови спортски терени, се создаваат и нови, соодветни можности за спортување. Дел од овие проекти се и реконструкцијата на спортските игралишта во ОУ „Елпида Караманди“, која е во тек, изградбата на спортски терени во Брусничка населба која ќе следува, како и реконструкцијата на спортската сала во Бистрица, која наскоро ќе започне. Овие проекти претставуваат континуитет на минатогодишните проекти кои покрај поддршка на професионалниот спорт, овозможија значително подобрување на спортската инфраструктура во Битола.


1027