ОТВОРЕНО 43 ИЗДАНИЕ НА „МАЛ БИТОЛСКИ МОНМАРТР“ И 42 СВЕТСКА ДЕТСКА ЛИКОВНА ИЗЛОЖБА

Во Старата битолска чаршија, синоќа беше отворено 43 издание на Светската детска ликовна колонија „Мал битолски монмартр“ и 42 издание на Светската детска ликовна изложба по конкурс „Битола“.

На овогодинешниот конкурс пристигнаа над 50.000 детски творби од над 800 приватни и јавни училишта од над 81 земја во светот. На колонијата преку свои делегации беа поканети 24 земји, а присутни беа делегации од Албанија, Турција, Хонг Конг – Кина, Србија, Бугарија, Грција, Израел, Полска, Малезија, Индија, Португалија, Словачка, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Франција, Чешка и Романија.

Оваа година, фокусот е ставен на работата и делото на Коста Хаџиантоновски, основачот на Малиот Битолски Монмартр и ликовното студио „Свети Кирил и Методиј“.

На отворањето свое обраќање имаше градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој им се заблагодари на младите ликовни амбасадори кои низ уметноста ја промовираат Битола во светски рамки.

„Најдобриот начин да се претстави убавината на еден град, ентузијазмот, креативноста на младите луѓе и трудољубивоста на нивните наставници и професори, е токму преку создавањето можности за активно творештво кое низ годините ќе расте и ќе се надградува. Една ваква успешна приказна, создадена пред 56 години, исполнета со многу љубов и знаење е токму детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“, креирано од незаборавниот Коста Хаџиантоновски, чие дело ќе остане вечен спомен за нашиот град, но и реалност за понатамошна светска промоција на Битола.
Развивајќи ја својата визија, Хаџиантоновски, ја основа и ликовната колонија „Мал Битолски Монмартр“, која денес на отворањето на 43 издание на Светската детска ликовна колонија, преку свои делегации, има претставници од над 20 земји.
На сите гости, за кои имам информација дека се повеќе од 180 учесници за време на одржувањето на колонијата, Ви посакувам пријатен престој во Битола, градот кој секогаш изобилува со инспиративност, преку својата карактеристична архитектура, културно – историски споменици и културни настани.
Годинава, во чест на иницијаторот и основачот на ова наше ликовно богатство, почитуваниот Коста Хаџиантоновски, се воведуваат и посебни награди и признанија кои продолжуваат да ја промовираат Битола, но и да го слават големото наследство, создадено од еден од најпознатите македонски ликовни педагози.
Им благодарам на луѓето кои со голема посветеност го продолжуваат делото на Коста Хаџиантоновски и ви благодарам на сите Вас, кои во следните денови, преку колоритност и уметност, ќе ја пренесувата убавината на Битола, творејќи во нашиот град.
Им честитам на сите добитници на наградите на распишаниот конкурс и посакувам уште многу успешни изданија кои ќе ја слават уметноста низ претставување на културните вредности, за што локалната самоуправа, во рамките на своите надлежности, продолжува да биде силен поддржувач.
Нека е честит патрониот празник на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ и многу успеси нека ги одбележат овогодишните изданија: 42. издание на Светската детска ликовна изложба по конкурс „Битола“ и 43. издание на Светската детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“.
Имајте убав престој во Битола и многу креативна работа“, рече градоначалникот Коњановски во своето обраќање пред присутните.


1086