БИТОЛА Е ДОМАЌИН НА ВТОРИТЕ ДЕНОВИ НА ЕЛЕКТРОИНЖЕНЕРИТЕ НА МАКЕДОНИЈА

Во организација на Одделението за електроинженери при Комората на овластени архитекти и овластени инженери, во Битола се одржуваат  Вторите Денови на Електроинженерите на Македонија.

На свеченото отворање, се обрати претседателката на Комората Кристинка Чулак, ректорот на УКЛО проф. Д-р Игор Неделковски, деканот на Техничкиот факултет проф. Д-р Митко Костов, гостите претставници на коморите од Црна Гора и од Хрватска, а градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, ги отвори официјално деновите на електроинженерите. Во своето обраќање, градоначалникот истакна дека Битола е стратешки економски центар и важноста за иднината на градот и регионот е во рацете на инженерите.

„Градот под Пелистер, со децении е енергетскиот центар на Македонија. Работењето на РЕК Битола, комбинат кој произведува електрична енергија од околу 60% од потребите на државата, ја става Битола на мапата на градови од стратешко значење. И не само поради производството на електрична енергија, Битола е град во кој се става акцент за развој на нискозагадувачката индустрија,  со голем број на компании кои се грижат за животната средина и енергетската ефикасност. Градот бележи растечки потенцијал и на полето на компјутерската технологија.

Особено важно за градот и целиот Пелагонискио регион е постоењето на Техничкиот факултет при Универзитетот Св. Климент Охридски, каде што постојано се надградува капацитетот со нови електроинженери, кои се образуваат во насока на новите светски трендови од областа на електроинженерството.

Од своја страна, општината изминатите години работи на многу проекти со кои се подобрува енергетската ефикасност и се движи во нагорна линија на подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на животната средина.

Во сите предизвици кои што претстојат, на патот кон поквалитетна животна средина и подобри услови за работа на сегашните и идните генерации, инженерите се тие кои што ќе го понесат најголемиот товар на промени на својот грб. Вашето искуство и стручност, ќе бидат клучни за натамошниот развој на Македонија, не само на полето на енергетиката, туку и на полето на паметните решенија, подобрувањето на транспортот, развојот на индустријата итн. Ви посакувам успешна работа, размена на идеи, искуства, напредни размислувања и нивна имплементација“, рече Коњановски.

Работниот дел од средбите продолжува попладнево и во текот на утрешниот ден, во Центарот за култура во Битола.


1130