СОЊА КАНЕВЧЕ: ДЕНАРОТ ПОСЕДУВА СОФИСТИЦИРАНА ЗАШТИТА, ТЕШКА ЗА ФАЛСИФИКУВАЊЕ
Способноста на еден систем успешно да го зачува интегритетот на домашната и странската валута на својата територија е суштинска за целокупниот интегритет и стабилност на домашната економија и финансискиот систем. Со директорката на Трезорот при Народната банка, Соња Каневче, зборуваме за една од значајните функции на централната банка, односно издавањето и управувањето со книжните пари на Република Северна Македонија.
Во разговор директорката на Трезорот открива како можат граѓаните да ги препознаат заштитните елементи на парите и на тој начин да се заштитат доколку евентуално се појави фалсификат.
Оригиналите се разликуваат од фалсификатите по видот и квалитетот на хартијата од коja се изработени, по звукот што се слуша при превиткувањето, односно шушкањето на парата, но има и други заштитни елементи коишто можат да се забележат. Такви се водениот печат или знак којшто го имаат парите, флуоресцентните влакненца, заштитната нишка и составот и комбинацијата на бои.
Директорке, Народната банка секојдневно се грижи и управува со физичката сигурност, квалитетот и потребните залихи на кованите и книжните пари. Како се постигнува навремено задоволување на побарувачката на банките и центрите за готовина?
Каневче: Имајќи ја предвид законската регулатива со којашто на Народната банка ѝ е доделено ексклузивното право за издавање книжни и ковани пари, коишто се законско средство за плаќање во нашата земја, акцентот во овој сегмент од работењето е ставен на обезбедување еден стабилен систем на снабдување со готовина, преку следење на циклусот на готовите пари и организирање на сите активности поврзани со овој систем, што како крајна цел обезбедува интегритет и доверба во националната парична единица.
Истовремено, приспособувајќи ја националната регулатива со онаа на земјите членки на ЕУ и земјите кандидатки за членство во ЕУ, Народната банка ги определи стандардите и критериумите за контрола на квалитетот на книжните и кованите пари во оптек. Имајќи предвид дека Народната банка е единствената институција којашто обезбедува стручно мислење за автентичноста на книжните и кованите пари, деноминирани во денари или во странска валута, дополнително е нагласена одговорноста за обезбедување доволна количина квалитетни пари во оптек и соодветно избалансирана апоенска структура на книжните и кованите пари, заради задоволување на побарувачката и обезбедување стабилен систем на снабдување со готовина. Преку воспоставениот систем за следење на расположливите количини и апоенската структура на парите, како и изработка на соодветни анализи со вклучување на факторите коишто влијаат врз движењата на побарувачката на одредени апоени, се предвидуваат потребите за набавки во идниот период, коишто се составен дел на годишните планови на Народната банка. Набавките на парите се спроведуваат во согласност со предвидената временска динамика и регулативата, којашто се однесува на организирањето и спроведувањето на постапките за јавни набавки.
Директорке, низ годините сме сведоци на се почеста појава на фалсификувани пари во регионот и кај нас. Дали фалсификуваните пари се честа појава и што презема централната банка во таков случај?
Каневче: И покрај тоа што фалсификувањето во нашата земја е на релативно ниско ниво, Народната банка презема бројни активности за спречување и справување со сите активности поврзани со фалсификувањето на парите. Спречувањето од една страна се врши преку развој и надградба на заштитните елементи на парите, а од друга преку постојана едукација и информирање на јавноста за начините на проверка на автентичноста на банкнотите и монетите. Статистиката покажува дека на секои 1.000.000 парчиња оригинални банкноти во оптек има помалку од 5 фалсификувани банкноти, што ја сведува на минимум веројатноста дека населението ќе се сретне со фалсификувана банкнота.
Најчесто, во Народната банка се доставуваат фалсификувани банкноти коишто се со релативно лош квалитет на изработка, што овозможува едноставно и лесно откривање и нивно повлекување од оптек. Сметаме дека голем удел при откривањето на фалсификуваните пари има и нашата институција којашто постојано изведува специјализирани обуки за вработените кај субјектите коишто во секојдневното работење доаѓаат во непосреден контакт со готовина, заради зајакнување на нивните капацитети за брзо, лесно и ефикасно препознавање на фалсификуваните пари и нивно отстранување од оптек. На овој начин практично се зајакнува најважната алка во спречувањето на фалсификувањето којашто претставува првата одбранбена линија во заштитата на интегритетот на парите.
Во случај на појава на нов тип фалсификат, Народната банка во договор со МВР решава за тоа дали, кому и на кој начин му се даваат потребните известувања за појава на таков фалсификат. Во согласност со договореното, Народната банка дава соодветни соопштенија, посебно за финансиските институции, а посебно за јавноста. Соодветните служби во финансиските институции треба постојано да ги имаат предвид соопштенијата примени од Народната банка за откриените фалсификати, како предупредување во својата работа со парите.
Колку е безбедна домашната валута − денарот од фалсификување? Има ли доволно заштитни елементи?
Каневче: Анализите коишто Народната банка постојано ги спроведува недвосмислено го потврдуваат сознанието дека македонскиот денар поседува софистифицирани заштитни карактеристики и елементи коишто не се едноставни за фалсификување. Соодветно на ова сознание, во Република Северна Македонија не се забележува некоја позначителна појава на фалсификувани банкноти, особено не на фалсификувани примероци коишто по своите карактеристики можат да го доведат во заблуда населението. Во основа, во Народната банка се доставуваат фалсификувани банкноти коишто се со релативно лош квалитет на изработка, што овозможува едноставно и лесно откривање и утврдување на нивните карактеристики.
Во согласно наведеното, ниту една од нашите денарски банкноти не е лесна за фалсификување.
Како можат да се заштитат граѓаните од примање фалсификувани пари и што треба да направат, ако во нивни раце падне фалсификувана банкнота или монета? Каде да пријават?
Каневче: Заради недоволно или несоодветно познавање на карактеристиките на одредени изданија на книжните пари, граѓаните при секојдневното одвивање на готовинските трансакции се соочуваат со проблемот на препознавање фалсификувани банкноти. Честопати пред нив е поставена дилемата дали некоја од парите којашто се нашла во нивниот паричник е фалсификат или не, па самите себеси си го поставуваат прашањето „како да препознаам фалсификат?“.
Некогаш е доволно да ја погледнеме банкнотата и веднаш да забележиме дека е фалсификат. Оригиналите се разликуваат од фалсификатите по видот и квалитетот на хартијата од која се изработени, по звукот што се слуша при превиткувањето, односно шушкањето на парата, но има и други заштитни елементи коишто можат да се забележат. Такви се водениот печат или знак којшто го имаат парите, флуоресцентните влакненца, заштитната нишка и составот и комбинацијата на бои.
Во оваа прилика, би сакала накратко да ги појаснам карактеристиките на оригиналните банкноти и постапката којашто секој субјект може да ја примени за препознавање фалсификувана банкнота. Накусо, граѓаните во три брзи чекори, преку допир, визуелно и преку нанесениот холограм, можат да распознаат фалсификувани пари.