Занаетчиите бараат во недела да работат и фризери, козметичари, цвеќари…

Во согласност со законското решение и измената на Законот за работни односи, само на четири занаетчиски дејности им е дозволено да работат во недела – производство на леб и слатки во свежа состојба (пекарници и слаткарници), фотографски дејности, печатење и издавање весници (печатници). За сите други дејности важи забраната

Ако се оди на проширување на дејностите за кои неделата нема да биде неработен ден, тоа бездруго треба да важи и за фризерите, козметичарите, цвеќарите, фотографите и шнајдерите, децидни се од Занаетчиската комора на Македонија. Нивните реакции датираат уште од почетокот на расправата за неделата неработен ден, а при носењето на овој закон, ние јасно истакнавме дека ваквиот предлог нема да биде во интерес ниту на малите и микропретпријатија, ниту пак на државата која на овој начин ќе ја разгори сивата економија, вели за „Слободен печат“ претседателот на ЗКРСМ, Агрон Фазлији.

Тој вели дека ќе се сретнат со претставниците на надлежните министерства и со аргументи ќе изложат зошто занаетчиите од услужните дејности треба да работат и во недела. Во согласност со законското решение и измената на Законот за работни односи („Сл. весник на РСМ“ бр. 288/21), само на четири занаетчиски дејности им е дозволено да работат во недела – производство на леб и слатки во свежа состојба (пекарници и слаткарници), фотографски дејности, печатење и издавање весници (печатници). За сите други дејности е забрането да работат во недела. Со ваквото решение на занаетчиите регистрирани во согласност со Закон за занаетчиство, и тоа пекари, слаткари, фотографи и печатари, не им се дозволува продажба на нивните производи туку само производство.

Претставниците на Занаетчиската комора неколкупати посочија дека барање за да работат во недела, имаат поднесено повеќе услужни дејности, какви што се фризер, декоратер на настани, шминкер, цвеќар, поправка на апарати за домаќинствата итн.

– Ние не бараме да не го почитуваме законот, туку напротив ќе ги плаќаме нашите вработени, но бараме да ни дозволат да работиме. Класичен пример за тоа колку државата губи од неработењето во недела е Куманово, а истото се случува и во другите погранични места. Во неделите, особено сега во летниот период кога се враќаат печалбарите, врие од свадби, прослави, родендени, крштевки. А во неможност да се дотераат, огромен број граѓани одат во соседните држави на фризер, на козметичар, таму ги оставаат парите. Не работат ниту цвеќарите, цвеќе не може да се купи ниту за веселба ниту за тага. Сите губат, и ние како занаетчии, ама и државата. Со овој закон сме ставени во нерамноправна позиција. Имено, не работат занаетчиите што работат за себе, кои немаат вработено работници, додека на истите занаети ако се сместени во некои од затворените трговски центри во главниот град, каде што дуќаните може да се отворени и во недела им е овозможено да работат – додава Фазлији.

Занаетчиската комора ќе инсистира да се разгледа законот и да се овозможи сите вршители на занаетчиска дејност и самостојните занаетчии да имаат право да работат во недела со почитување на другите законски одредби.

– Ги повикуваме институциите да ги земат предвид специфичните потреби на занаетчиите и да предложат алтернативни решенија, кои ќе ги заштитат нивните интереси и ќе овозможат континуитет на нивната работа. Не отстапуваме од нашите барања ако се проширува списокот на дејности што ќе може да работат и во недела – дециден е Фазлији.

Нивните заложби се да се ревидира и да се олесни регулативата, со цел да им се дозволи на овие занаетчии да работат и во недела за да можат да го задржат својот приход и да ги задоволат потребите на клиентите.

Бизнисмените од градежниот сектор беа првите што по изборите јавно побараа од Владата да ја укине „недела неработен ден“ за градежните работници и освен во недела, да се работи и на празници. Нивното образложение е дека градежништвото бара континуитет, без прекини и одложувања. Од ССМ и „Гласен текстилец“ веднаш реагираа да не се чепка ова стекнато право, а наместо за уназадување, Владата да размислува за унапредување на работничките права. Ваквите најави се неумесни, порача првиот синдикалец Слободан Трендафилов. Според него, за дискриминацијата во овој закон веќе се изјасни Уставниот суд отфрлајќи ја иницијативата на бизнисмените тоа да се укине. Мерката „недела – неработен ден“ е воведена пред две и пол години.


1163

Задолжително

Verified by MonsterInsights