ПРЕМИЕРА НА ДОКУМЕНТАРНИОТ ФИЛМ ЗА ДИМЧЕ МИНОВСКИ
Во сабота, на 24.08.2024г. со почеток од 19.30ч. во Кино ‘‘Манаки‘‘ на Широк Сокак, во Битола, премиерно ќе биде прикажан документарниот филм за Димче Миновски, новинар, спортски коментатор, писател и долгогодишен активист во Сојузот на спортови во Битола. Филмот е дело на тандемот Дејан Младеновиќ – Шенол Мемиш и е сниман на повеќе локации низ Битола, како и во домот на Миновски.

Во филмот, покрај неговото детално раскажување за настани од неговата младост и богатата новинарска и писателска кариера, за ликот и делото на Миновски зборуваат и голем број спортски активисти и новинари од градот.
Димче Миновски ќе биде запаметен како ненадминлив спортски коментатор со 3000 преноси за Радио Битола, Радио Скопје и МТВ од спортски натпревари во речиси сите спортови, но и како писател на 30 книги. За неговата работа, добитник е на голем број награди и признанија.

За премиерата во сабота, влезот за сите заинтересирани е слободен. Настанот е во рамките на Битолското културно лето ‘‘Битфест‘‘ и поддржан од Општина Битола, како и од други помагатели.