Николоски: Некој се лаже дека може да си игра со нас за пругата кон Бугарија
По јавно изнесените информации дека на премиерот му е понуден поткуп, ги повлекуваме членовите од комисиите за евалуација за избор на компании за надзор и за изведувач на третата фаза од делница на пругата кон Бугарија
Министерството за транспорт и врски и ЈП „Македонски железници инфраструктура“ донеле одлука да ги повлечат нивните членови од комисиите за евалуација за избор на компании за надзор и за изведувач на третата фаза од делница на пругата кон Бугарија, соопшти министерот за транспорт и врски Александар Николоски на прес-конференција во Владата.
-По јавно изнесените информации дека на премиерот му е понуден поткуп, ги повлековме членовите и тоа е најмалку што можеме да го направиме во овој момент. Со ова покажуваме дека со нас нема играње и дека ако некој мисли дека преку посредници може да влијае кај мене или кај премиерот, се лаже. Исто така наивно е да се мисли дека овие понуди доаѓаат јавно на некоја средба. Мислам дека премиерот Мицкоски беше прецизен, а наш најголем сојузник во борбата против корупцијата е јавноста. Ова е проект од претходната влкада на СДСМ и на ДУИ, а „непристојните понуди“ не доаѓаат официјално на состанок, има други канали на комуникација и затоа се решивме да ги повлечеме нашите претставници – објасни Николоски, одговарајќи на новинарско прашање дали и тој бил жртва на поткуп, но без да прецизира каде е пријавена ваквата „понуда“.
Николоски откри дека на јавниот повик за избор на компании за надзор и и за изградба се пријавиле 7 учесници, а најголемиот дел од нив „биле несериозни, односно немало ниту една компанија од сериозна земја членка на ЕУ, а мислеле дека преку свои посредници ќе влијаат врз премиерот и кај него, како министер“. Тој додаде дека државата останува целосно посветена на овој инфраструктурен проект, но само откако ќе добиеме изводлив проект, а не проект кој завршува во тунел, со 22 тунели и 56 мостови, а кој чини прескапи 20 милиони евра по километар.
-Не можеме да продолжиме да трошиме 500 милиони евра за проект кој никогаш нема да се реализира. Кај нас нема простор за корупција, мислам дека јасно одговорив – додаде Николоски.