Промоција на македонските народни носии од Преспа
Во гимназијата „Митре Колефски и Трајан Ѓорѓиофски“ во Пустец се одржа промоција на македонските женски народни носии од Преспа!
Овој настан ја означи завршницата на проектот „Создавање традиционални носии на македонското национално малцинство од областа на Преспа“, во организација на Македонското друштво „Сонце“, со поддршка на Комитетот за национални малцинства на Албанија.
Присутните беа воодушевени од изработените раскошни носии од Долна и Горна Преспа, како и од уникатните минијатурни верзии, изработени од познатата костимографка од Корча, Лирика Појани. Дополнително, беше промовирана и двојазичната брошура, подготвена од Васил Стерјовски, која нуди детален поглед во историјата на македонските преспански носии на македонски и албански јазик.
Како знак на благодарност, на неколку значајни институции во Пустец, меѓу кои Општината, гимназијата, црквата „Св. Архангел и Михаил“, здравствениот центар и етно музејот на Спасе Терпо, им беа доделени овие минијатурни уметнички дела кои ќе го пренесуваат духот на македонската традиција за идните генерации.












