Цените ќе се намалат за уште 10 отсто од петок?!

Дали со донесувањето на законот за забрана на нефер трговски практики ќе се намалат цените на прехранбените производи за дополнителни 10 отсто или трговците повторно ќе ги изиграат граѓаните? Треба да се разграничи дали ќе остане да важи намалувањето на маржите од 10 отсто и по донесувањето на законот за нефер трговски практики, бидејќи и овие 73 производи ќе влезат во законот со кој, исто така, се предвидува намалување на маржите од 10 отсто. Есенската кошничка ќе важи и откога ќе се донесе законот, па поради тоа треба да се каже попрецизно дали ќе се намалат маржите со законот за дополнителни 10 отсто, вели за весникот ВЕЧЕР Маријана Лончар-Велковска, претседател на ОПМ.

Ќе се намалат ли цените на прехранбените производи за дополнителни 10 отсто со законот за забрана на нефер трговски практики или трговците повторно ќе ги изиграат граѓаните? Сите производи што се наоѓаат во есенската потрошувачка кошничка се опфатени и со овој закон, кој треба да се донесе до 29 септември. Тоа практично значи дека со законот ќе се намали маржата за овие производи, за кои е веќе намалена, за дополнителни 10 отсто.

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија објаснуваат за весникот ВЕЧЕР дека нема да има некој поголем ефект врз намалувањето на цените и врз семејниот буџет ако се намалат производите што се наоѓаат во есенската потрошувачка кошничка само за 10 отсто.

– Треба да се разграничи дали ќе остане да важи намалувањето на маржите од 10 отсто и по донесувањето на законот за нефер трговски практики, бидејќи и овие 73 производи ќе влезат во законот со кој, исто така, се предвидува намалување на маржите од 10 отсто. Есенската кошничка ќе важи и откога ќе се донесе законот, па поради тоа треба да се каже попрецизно дали ќе се намалат маржите со законот за дополнителни 10 отсто. Доколку не се намалат прехранбените производи за дополнителни 10 отсто со донесувањето на законот, тогаш мерката нема да има голем ефект врз цените. На овој начин, преку мерката намалување на маржата за 10 отсто, трговците сакаат да го избегнат намалувањето на маржата, кое ќе се содржи во законот. Ако не се намали маржата за овие производи што се во есенската кошничка за уште 10 отсто, тогаш ништо не сме направиле – вели за весникот ВЕЧЕР Маријана Лончар-Велковска, претседател на ОПМ.

Таа додава дека е добро што нема да растат цените, но прашање е до кога нема да растат. Најчесто, кај нас практиката покажува дека кога ќе се тргнат мерките, цените повторно се враќаат на старо.

– Треба есенската кошничка да трае цела есен, односно три месеци, а не еден месец. За да има ефект врз цените, потребно е мерката да биде подолгорочна. Кога ќе заврши есенската, да се донесе новогодишна итн. Производите што се содржани во есенската кошничка се производи што се користат цела година, не само во есен – додава Лончар-Велковска.

И од Сојузот на синдикати на Македонија сметаат дека мерката треба да трае цела есен за да има поголем ефект. И оттаму се согласуваат дека доколку не се намалат прехранбените производи за дополнителни 10 отсто со донесувањето на законот, тогаш мерката нема да има голем ефект врз цените.

Според нивните пресметки, трошоците за храна во август, во однос на септември, пораснале за 717 денари. Минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство изнесуваат 61 306 денари, што е зголемување за 107 денари во однос на претходниот месец, кога изнесувале 61 199 денари.

Од СДСМ обвинија дека цените на производите во маркетите не се намалени, иако Владата помпезно го најавувала тоа.

– Наместо намалени цени, имаме зголемени цени на храната за 717 денари, и ова е уште една потврда дека мерките на Владата се задоцнети и немаат ефект. Граѓаните не почувствуваа подобрување на животниот стандард и додека во Србија и во Црна Гора се намалија цените на 700 производи, кај нас се намалуваат маржите на едвај 70 производи. Кога беше СДСМ на власт, беа намалени цените на 500 производи, а за подобар животен стандард на граѓаните, воведовме пакет антикризни мерки. ДПМНЕ, освен да манипулира, нема никаква идеја и води погрешна економска политика, од која граѓаните немаат никаква корист – изјави Јованка Тренчевска од СДСМ.

И граѓаните велат дека, освен еден вид леб, чија цена е намалена за 1 денар, нема намалување кај другите производи. Одредени производи се намалени за 2 до 10 денари, а цените на другите се на истото ниво како и претходно, дури кај одредени производи што не се опфатени со кошничката, има зголемување. Понудата на зеленчук и на овошје е намалена и е со послаб квалитет.

Пониски цени за 10 до 20 денари има кај дел од сирењата, кашкавалите и кај месото, но тие и понатаму остануваат недостапни за голем дел од потрошувачите.

Оваа мерка треба да трае до 31 октомври, а од петок треба да почне и примената на законот за забрана на нефер трговски практики, со кој се опфатени над 2 500 производи, чии маржи треба да бидат ограничени до 10 проценти.

(А.С.)


1331

Задолжително

Verified by MonsterInsights