Тројца кандидати во трка за испразнетото место во Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје?

Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје наскоро би требало да има нов член, кој ќе дојде на местото на сега веќе поранешниот член на Управниот одбор, Тони Стојановски кој го презема раководењето со НЛБ Банка АД Скопје како прв човек на банката и Претседател на Управниот одбор.

Според информациите до кои дојде Банкарство, во трка за испразнетото место во Управниот одбор се тројца кандидати со долгогодишно искуство во банкарскиот сектор, а тоа се Благоја Устијаноски, Петар Трпески и Владимир Тренески.

Благоја Устијаноски е сегашен директор на Секторот за корпоративни клиенти на Шпаркасе банка АД Скопје. Тој оваа функција ја извршува од јули 2021 година односно од интеграцијата на Шпаркасе Банка со Охридска Банка. Претходно ја извршувал функцијата директор на Дирекцијата за корпоративни клиенти во Охридска банка АД Скопје. Устијаноски има 15-годишно работно искуство во извршување на различни функции во доменот на кредитната анализа, водење и менаџирање на портфолија на корпоративни клиенти, а веќе 7 години го менаџира севкупното работење со корпоративни клиенти. Под негови ингеренции се дирекциите за работа со големи и интернационални компании и за мали и средни претпријатија, Службата за проектно финансирање која ги вклучува деловите за финансирање на проекти поврзани со изградба на недвижен имот и обновливи извори на енергија, како и Службата за позадинска поддршка на корпоративните клиенти.

Петар Трпески во моментов ја извршува функцијата Директор на Деловен сектор за работа со корпоративни клиенти во НЛБ Банка АД Скопје од октомври 2023 година. Тој претходно беше 10 години дел од менаџерскиот тим на Шпаркасе Банка АД Скопје каде извршуваше високо-раководни функции како Директор на Дирекцијата за тргување и финансиски пазари, Директор на Сектор за управување со корпоративни клиенти, како и функцијата Директор на Сектор за управување со средства. Трпески има повеќе од 13-годишно искуство во банкарскиот сектор, а бил дел и од Стопанска банка АД – Скопје како Директор на мрежа на филијали.

Владимир Тренески е Сениор Директор за корпоративно банкарство на Стопанска банка АД – Скопје и е директно запознаен со случувањата во банката. Истовремено, тој е дел од Кредитниот одбор (КО) на банката и од Кредитниот одбор за комерцијални клиенти (КОКК), одбори кои одлучуваат за кредитната изложеност на Стопанска банка АД- Скопје кон поединечен субјект – правно лице. Тренески долги години бил “десна рака” на Тони Стојановски кој 15 години беше член на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје како Генерален Директор за корпоративно банкарство и претставува најлогичен избор за наследник на неговиот ментор.

Mенаџментот на Стопанска банка АД – Скопје има тешка задача да го направи вистинскиот избор помеѓу овие тројца истакнати професионалци, но останува да се види дали сопствениците од Грција ќе продолжат да му веруваат на постоечкиот кадар кој е проверен и докажан и кој “порасна” заедно со банката или ќе се одлучат за кадар “од надвор” кој ќе донесе нови погледи во функционирањето. Кој и да биде новиот член на Управниот одбор, ќе има сериозен предизвик да одговори на барањата во една од најголемите и најуспешните македонски банки и да го продолжи континуитетот на успешно работење на една од најголемите банки во државата.

Значајно да се напомене е дека откако банката ќе го направи изборот на кандидатот кој ќе биде дел од Управниот одбор истиот не станува дел од одборот по автоматизам, бидејќи регулаторот, односно Народната банка неопходно е да даде дозвола за именување на истоимениот кандидат во Управниот одбор.


1518

Задолжително

Verified by MonsterInsights