Кикбоксерите се враќаат со 34 медали од „Белград трофеј“, Шампион најтрофеен македонски клуб
Македонија го заврши Меѓународниот кик бокс турнир „Белград трофеј“ со 34 медали – 9 златни, 8 сребрени и 17 бронзени.
Македонија е втора по бројот на освоени медали, прва е Србија со 107 медали (41-39-27), а трета е Босна и Херцеговина 9 (1-3-5).
Во синоќешните финални борби нашите кикбоксери освоија еден златен медал и два сребрени. Златото и припадна на Марија Димовска, а сребрата на Александар Нашев и Максим Димитровски.
Дарко Нумановиќ (Енерџи) е прогласен за најдобар јуниор на татами кој натсапуваше во дисциплината кик лајт.
„Како претседател и водач на Кик бокс маи таи федерацијата сум задоволен од сработеното на секој тренер. Можам да кажам дека на турнирите се гледа работата на нашите тренери. Исто така сум задоволен од целокупниот успех на репрезентацијата и од поединечниот на секој борец, и оние кои победија и кои изгубија. Сите покажаа одлична техничка подготвеност, храброст, пожртвуваност и голема желба за победа, со што искрено сум фасциниран од настапот и од напредокот на секој еден поединец, борец. Чест ми е што ја водам оваа федерација со вакви тренери и натпреварувачи“, изјави претседателот Дејан Митровски Урко.
На Трофејот учествуваа 198 кикбоксери со 216 натпреварувачки влезови од 41 клуб од 5 држави – Македонија, Србија, Хравтска, Босна и Херцеговина и Црна Гора.