Влахос: Енергетика, железница и грчки инвестиции во Македонија

Претседателот на Унијата на грчки бизниси во Македонија, Арис Влахос во интервју за грчката новинска агенција ΑΠΕ-ΜΠΕ зборува за македонско – грчките деловни односи и нивниот курс го споредува со големо „W“, состојба која постојано се менува со подеми и падови, во која политичкото прашање кое со години ги тестираше односите на двете земји исто така имаше влијание врз бизнисот.

-Завршувањето на железничка линија на Коридорот 10 од Солун до Скопје ќе овозможи преместување на производите од двете страни со брзина, конзистентност и безбедност. На овој начин, клиентелата на бизнисите веднаш ќе ги зголеми нивните приходи и профитабилност. Тоа е многу значаен проект за целиот регион и за да ги имаме потребните финансии, кои ќе овозможат негова реализација, потребна е блиска соработка на сите инволвирани страни, рече Влахос во однос на најавите од македонска страна дека до 2030 година ќе се изгради брза пруга меѓу српската и грчката граница.

Пристаништата во Солун, Александрополи и Кавала се очекува да имаат значителна корист од овој развој, што ја нагласува потребата за соработка на сите вклучени страни.

-Многу брзо, како што беше потврдено од зборовите на премиерот на Северна Македонија во интервјуто пред неколку дена, ќе се појави нафтоводот ВАРДАКС за нафтени деривати, кој ја поврзува рафинеријата „Хеленик енерџи“ во Солун со капацитетите на ОКТА во Скопје. Значајно е присуството на ДЕХ (Грчка енергетска компанија) во областа на трговијата со електрична енергија во земјава, што се врши преку нејзината подружница. Конечно, со работата на интерконективниот гасовод за природен гас Грција-Северна Македонија, соседната земја ќе престане да зависи од рускиот природен гас, објаснува тој.

Тој ја коментираше и изјавата на македонскиот министер за транспорт и врски Александар Николоски за брза пруга за затоплување на односи меѓу Македонија и Грција во наредниот период.

-Навистина посакувам да беше така. Затоа што ако конечно дојдеме до точката која е спомната и секако е желба на сите нас, тоа ќе значи дека несогласувањата од минатото ќе исчезнат и ќе влеземе во ера на нормалност, која ќе произведува само позитивни работи, не само за бизнисите, но и за граѓаните на нашите земји. Грција им подаде рака на пријателство и соработка на сите свои соседи без исклучок. Како модерна европска демократија и во исто време членка на Алијансата, таа целосно ја разбира важноста од развивање и одржување на добрососедски односи. Нашата упорност во оваа цел, како и најновите меѓународни случувања, придонесоа оваа порака полесно да ја разберат нашите пријатели. Со соседната пријателска земја има многу што можеме заедно да направиме во блиска иднина – оценува господинот Влахос и додава дека во секој случај луѓето од бизнис-заедницата се декларираат присутни во секоја заедничка иницијатива, што ќе ги зајакне економските односи и по проширување на севкупноста односите меѓу двете земји.

И покрај турбулентните македонско – грчки односи, од почетокот на економската соработка во 1998 година досега во Македонија имало грчки инвестиции од 800 милиони евра. Меѓу најзначајните грчки инвестиции се ОКТА, подружница на Хеленик енерџи, Стопанска банка, УСЈЕ на Титан и други во кои, според грчките извори се отворени околу 25.000 работни места.


1379

Задолжително

Verified by MonsterInsights