КОЊАНОВСКИ: БИТОЛА ПОВТОРНО СТАНУВА ПРИВЛЕЧНА ЗА ИНВЕСТИЦИИ

Битола повторно станува привлечна за инвестиции, вели градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

„Се отвори трговскиот центар Блис, наскоро најавено е отворањето на брендот „Лидл”, а очекуваме и нови инвестиции во Индустриската зона „Жабени”, една ја најави и премиерот Мицкоски. Реализирани се и повеќе проекти за подобрување на условите во основните и средните училишта во градот, проекти за поддршка на младите, учениците и студентите.

Во делот на енергетската ефикасност, преку проектот „Сончеви училишта”, 6 основни училишта ќе добијат фотонапонски централи за производство на електрична енергија. Фотоволтаици ќе бидат поставени на основните училишта Стив Наумов, Елпида Караманди, Коле Канински, Кирил и Методиј, Александар Турунџев во с. Кукуречани и Крсте Петков Мисирков во с. Бистрица. Веќе една година, во објектот на подрачното основно училиште Даме Груев и градинката во населбата Долно Оризари, работат поставените фотонапонски централи и веќе, по една година, треба да ги добиеме првите резултати на заштеда. Во постапка на поставување фотонапонски централи се и средните училишта д-р Јован Калаузи, Ѓорѓи Наумов и гимназијата Таки Даскало. Ова значи дека до крајот на годинава, 10 училишта во Битола ќе имаат фотоволтаици.

Преку проект со УСАИД, во процедура е подготвување на комплетна проектна документација за енергетска ефикасност на три училишта и една градинка, а преку 16-те проекти од Владата, основното училиште Стив Нумов, ќе добие нова енергетски ефикасна фасада.  Започнавме со засадување на 1500 различни видови садници, односно дрвја, на 10 локации во градот, преку проектот EU4CleanAir (ЕУ фор клин ер), проект кој го работиме заедно со Европската Унија и УНОПС. И од овој проект очекуваме дополнителни бенефити околу грејните инсталации на неколку јавни објекти. – За прв пат во државата, нашата општина беше домаќин на Форумите за праведна транзиција, од кои произлезе и Визијата за Битола, како заеднички осврт на барањата на претставниците на сите засегнати страни од јавниот сектор, образованието, науката, приватниот сектор и невладините организации.

Општина Битола е лидер во транспарентноста и отвореноста во државата според анализите на Центарот за граѓански комуникации и Метаморфозис, за што континуирано сме насочени кон подобрување на услугите на граѓаните преку постепено воведување на електронски услуги и зголемување на ефикасноста и ефективноста на работата на локалната самоуправа. Ова се дел од проектите на кои работиме изминатата една година. За 16 нови проекти веќе добивме владина поддршка во висина од 230 милиони денари, а подготвуваме и проектна документација за реконструкција на девет спортски игралишта и изградба на две спортски сали во општина Битола.

Како што ја започнавме годинава што изминува, така и завршуваме со асфалтирања на повеќе локации. Но, не го забораваме ниту културно туристичкото раздвижување на градот, кое оваа година, по четврти пат низ прекрасната „Зимска приказна”, од 20 декември до 06 јануари ќе создаде прекрасна атмосфера во Битола.

Градот веќе се украсува, не премногу, не премалку, туку доволно за Битола повторно да блесне во својата уникатна светлина, која изминативе три години, навистина го враќа својот сјај во повеќе области“ рече тој.


1151

Задолжително

Verified by MonsterInsights