Германската автомобилска индустрија од статус на суперсила до катанец

Истата автомобилска индустрија што ја доведе Германија до статус на економска суперсила сега стагнира бидејќи не може да се справи со цените на енергијата, царините и кинеската конкуренција.
– Економијата долго време беше под голем притисок, но од почеток тоа беше прикриено од пандемијата, а потоа и од војната. Сега тоа повторно доаѓа до израз и луѓето се многу загрижени – вели Нилс Редекер од центарот Жак Делор во Берлин.
Помеѓу 2018 и 2023 година, производството на автомобили во Германија опадна за 8 отсто, бидејќи производителите ги преселија фабриките во земји со поевтина работна сила. Фолксваген минатата година предложи затворање на три фабрики во Германија и намалување на платите за 10 отсто, за прв пат во својата 87-годишна историја. Фабриките останаа отворени откако синдикатите се заканија со штрајк, но работниците прифатија намалување на платите.
Додека Германците некогаш заработуваа огромни суми од извозот во Кина, од 2018 година наидоа на „бура“ на тој пат. Таа година извозот падна за три отсто, за прв пат од почетокот на 1990-тите. БМВ објави пад на продажбата од 13 отсто во Кина во 2024 година, Мерцедес-Бенц седум отсто и Фолксваген за 10 отсто.
Следниот проблем се појави во 2019 година кога ЕУ усвои „зелена агенда“ со план да ги напушти моторите со внатрешно согорување до 2035 година.
Потоа дојде украинската криза и прекин на увозот на руски гас, делумно поради санкциите и политиката на Берлин, а делумно поради минирањето на гасоводот „Северен тек“. Скокот на цените на енергијата ги зголеми и цените на алуминиумот и челикот. Американскиот претседател Доналд Трамп сега се заканува со царини за ЕУ, што може да ги загрози германските резерви на овие метали, како и долгорочните планови за производство на автомобили во Канада и Мексико за американскиот пазар. Во исто време, владата на Шолц, исто така, ги укина субвенциите за електрични автомобили на крајот на 2023 година, во потрага по средства кои би можеле да се пренасочат во Украина.
И демохристијанската коалиција на Фридрих Мерц и популистите како АфД од десницата и Сара Вагенкхент од левицата се залагаат за напуштање на забраната за традиционалните мотори, но социјалистите и зелените на Шолц силно се противат.
„Би сакал да видам силна Германија во уште посилна Европа, но се сомневам во тоа“, рече Матијас Цинк, извршен директор на индустријата за автоделови „Шефлер“.
Ако стане канцелар, Мерц ќе мора да ја реформира „склеротичната“ германска економија и да ги реши проблемите на озлогласената бирократија, високите трошоци и избегнување на ризик, што во моментов изгледа неостварливо, вели Политико.


1160

Задолжително

Verified by MonsterInsights