ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЛЈАНОВСКА ДАВКОВА ОДРЖА ПРЕДАВАЊЕ ПРЕД СТУДЕНТИТЕ НА УНОВЕРЗИТЕТОТ АДА ВО АЗЕРБЕЈЏАН
Претседателката Гордана Силјановска Давкова на нејзиниот Фејсбук профил напиша;
Чест ми е што одржав предавање пред академската заедница и студентите на Универзитетот АДА во Баку, во рамки на мојата официјална посета на Азербејџан.
Вистински предизвик беше да се одговори на прашањата и деталниот интерес на студентите за поставеноста на Македонија во однос на интеграцијата во Европската Унија, мировниот процес за Украина, за нашите односи со Азербејџан, како и за прашања поврзани со Вештачката интелигенција.
Во своето предавање ги опфатив концептите на политиката, од Аристотел, преку Хана Аренд до Харолд Ласвел. Ги претставив и фрапантните укажувања за важноста на Евроазија и Украина за големите сили во тезите на Халфорд Мекиндер, Николас Спајкмен, Збигњев Бжежински и Хенри Кисинџер.
Посочив дека во време кога светот се соочува со бројни кризи, вклучувајќи ја војната во Украина, нестабилност и масовни миграции, потребен ни е дијалог, наместо монолог во изнаоѓањето решенија. Моќните треба да бидат свесни за останатите. Потребно е да биде слушнат гласот и на помалите држави.
Потребно е жените да ја преземат својата улога во процесот на носење одлуки. Светот виден низ женски очи е поинаков свет.