Таравари го разреши директорот на кумановската болница поради смртта на Адеми
Министерот за здравство Арбен Таравари на прес конференција соопшти дека го разрешува директорот на кумановската болница Стефан Трајановски, поради пропусти во лекувањето на 32-годишниот Ведат Адеми, кој завчера починал од алергиска реакција по примена инфузија во Хируршкото одделение.
Таравари рече дека го видел извештајот на инспекторатот пред да дојде во Куманово и да го посети семејството на починатиот Адеми по што е донесена одлуката за разрешување.
-Од извештајот може да се констатира многу лесно дека веќе има предуслови да се разреши директорот на Општа болница Куманово. И директорот е веќе разрешен од функцијата. Се надевам веќе утре, по консултации со колегите од министерството веќе ќе назначиме нов директор, кажа Таравари и порача дека документацијата за случајот ќе биде предадена на обвинителството.
Пред два дена во болницата во Куманово завчера ненадејно починал кумановецот Ведат Адеми откако примил терапија поради болки во стомакот.
Телото на починатиот е предадено на обдукција за да се утврдат причините за смртта.
Семејството на Адеми обвинува дека нивниот син починал поради лекарска грешка, бидејќи му била дадена инфузија со лек на кој е алергичен. Директорот на Кумановската болница Стефан Трајановски вчера кажа дека тоа ќе го утврди комисија, која е формирана за да испита дали се испочитувани протоколите при третманот на пациентот.
Но, Таравари одлучи да го разреши сметајќи дека има доволно информации од извештајот на Инспекторатот и се надева дека во судска постапка ќе биде утврдено дали има или не лекарска грешка со трагичен епилог за 32-годишниот пациент.
- Директорот дознал од новинарите дека миностррот го разрешил, информираат веб медиумите од Куманово.
Министерот на новинарско прашање одговори дека и коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ знае за смената бидејќи се во постојана комуникација.
-Секако. Нон – стоп сме во координација со коaлицискиот партнер, каде што има грешки постојано бараме едни на други да има одредени промени и ги правиме, одговори Таравари.
Прес конференцијата на министерот првично беше закажана во кумановската болница, но локалните медиуми известија дека местото било променето и изјавата беше дадена на Плоштадот во Куманово.
Автомобилот со кој беше дојден министерот за време на изјавата беше непрописно паркиран на улица пред дуќани во кои има аптека и сервис за брзи кредити и го попречуваше сообраќајот и движењето на пешаците, а на прашањето за непочитување на прописите Таравари побара МВР да го казни неговиот возач, веднаш.
Новинарот од “Кумановски муабети” кој го поставил прашањето бил наречен кретен од страна на луѓето кои биле покрај Таравари. Нема информација дали и колкава казна му е пишана на возачот на министерот за здравство.