Елмас: Жал ми е, испуштивме три големи бода…
Македонија не го издржа последниот напад, налет на селекцијата на Велс и остана без трите бода на пресметката на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Нашиот национален тим поведе во 91 минута со голот на Миовски и беше многу блиску до освојување на целиот плен или барем тоа така изгледаше се до 96 минута кога гостите пронајдоа начин преку Брукс да ја затресат нашата мрежа и се изборат за реми од 1-1.
-Знаевме дека ќе биде тежок натпревар затоа што игравме против квалитетна селекција. Знаеме како играат, ние игравме тактички дисциплинирано, се боревме до последниот момент. Искрено, жал ми е да примиш таков гол во последните 30 секунди. Испуштивме три големи бода, ама уште да се игра. Сега може да одиме дома, да се одмориме, не очекуваат два важни дуели со Белгија и Казахстан и се надевам само на подобри резултати, -рече Елиф Елмас.
Во наредниот термин Македонија прво ќе ја пречека Белгија на 6 јуни, а три дена подоцна ќе има незгодно гостување кај Казахстан.