ЈП ‘Стрежево’ воведе дигитална сонда за прецизно мерење на водостојот
Акумулацијата Стрежево сега располага со најсовремена сонда за дигитално отчитување на нивото на водата. Уредот, инсталиран од компанијата Флуид проект од Скопје, работи на принцип на мерење на притисоци, што овозможува високо прецизни и дигитализирани податоци.
Сондата е поставена во кулата-затворачница и може да мери со точност од ±0,01 метар. Дизајнирана е да работи под вода, издржувајќи температури од -30°C до +50°C, со посебни заштитни мерки за подводни услови.
Оваа технологија ги следи најновите водостопански стандарди и ќе овозможи поефикасно управување со акумулацијата. Ваквите иновации придонесуваат за подобро планирање и користење на водните ресурси.