Дигитална писменост: Клучна алатка за македонската иднина

Автор:  Ѕвездослав Обсидијан

Во време кога вештачката интелигенција веќе не е најава од иднината, туку реалност што ни го обликува секојдневието, дигиталната писменост станува една од најважните вештини што секој човек треба да ја поседува. ChatGPT, DALL·E, Copilot и слични алатки не се веќе технолошки чуда — тие се дел од работното место, од образованието, од животот.

И токму тука, Македонија запнува.

Според Eurostat, над половина од граѓаните на ЕУ имаат барем основни дигитални вештини. Во земји како Финска и Холандија, таа бројка надминува 79%. Овие бројки не се случајни — тие се директно поврзани со иновации, инвестиции и економски развој.

На другата страна од табелата се Бугарија, Романија, но и Западен Балкан со просек од само 36%. Црна Гора е лидер во регионот со околу 47% дигитално писмени граѓани. Македонија? Тапка околу 32%, нешто над Албанија — на дното со 23,8%.

Ова не се само статистики. Ова е реална слика на една земја што сака да се нарекува „дигитална“, но сѐ уште не инвестира доволно во основата — луѓето.

Да, младите кај нас се технолошки понапред. Но што со повозрасните? Со руралните средини? Со наставниците што сѐ уште проектираат PowerPoint презентации како „дигитална иновација“? Разликата помеѓу потенцијалот и реалноста во Македонија е токму во оваа празнина што сѐ уште не сме ја премостиле.

Ако сакаме да бидеме конкурентни — како економија, како општество, па дури и како држава — мора да престанеме да гледаме на дигиталната писменост како на нешто „убаво да се има“. Таа е потреба. И таа почнува од образовниот систем. Не со уште една стратегија на хартија, туку со конкретни програми за практични дигитални вештини, обуки за наставници, пристап до технологија во руралните средини, па и целоживотно учење за сите.

Дигиталната трансформација не прашува дали сме подготвени. Таа се случува — со или без нас.

Или ќе инвестираме сега — или ќе останеме уште една мала точка под европскиот просек, гледајќи како другите не одминуваат.

Ставовите во оваа колумна се лични мислења на авторот и не мора да значи дека се ставови на PelaNet.mk. За содржината одговара само авторот, а редакцијата се оградува од одговорност.


1182

Задолжително

Verified by MonsterInsights