Независниот синдикат на полицијата на протест побара повисоки плати и уедначена судска пракса
„Вашата плата не е под минималната, нашата зошто е?“, „Вашата основа е под минимална правда!“, „Вратете се назад на факултетите“, „ Важат ли законите за нас или само кога треба да не казнувате“, беа дел од транспарентите што можеше да се прочитаат на денешниот протест што Независниот синдикат на полицијата (НСП) го организираше на раскрсницата кај „Мавровка“.
Стотината собрани полицајци, поддржувајќи го претседателот на НСП, Мартин Ефремов, побараа да се почитува Законот за минимална плата, како и уедначување на судската пракса на целата територија на државата кога се досудува во предмети против Министерството за внатрешни работи, а кои се однесуваат на разлика до минимална плата.
„Во моментов имаме илјадници предмети кои полициските службеници ги водат против Министерството за внатрешни работи во кој бараат да се досуди разлика до минималната плата. Полициската плата е составена од основна плата, плус зголемување, минат труд, додатоци, а по Законот за минимална плата основната плата не може да биде под минималната плата“,рече Ефремов во изјава за медиумите за време на протестот.
Според него, Апелационите судови во Гостивар и Битола имаат донесено решенија со кои се поткрепува тоа што го бараат од НСП, но оти скопска Апелција и Граѓанскиот суд на 21 март донеле „решение со коешто се обидуваат на направат сосема друга и поинаква судска пракса“.
„Ова доаѓа по нивното советување, конференција, состанок во МВР каде претпоставуваме дека поради умилкување судиите сакаат да постигнат целосна промена на судската пракса и законот во полицијата да не важи, односно законот за минимална плата да не биде применет како што треба во државата“,рече тој.
Ефремов побара судските предмети што се од другите градови да ги видат во Скопје и да ја воедначат судската пракса за целата територија.
Ако нешто не им е јасно, Ефремов ги упати на катедрите за трудово право за да им појаснат што е основна плата, што е минимална плата и што е плата.
Прашан дали ова значи дека во различни делови од земјата полициски службеници земаат различна плата и колку во овој момент во Скопје се пресметува основната плата, Ефремов даде појаснување.
„Тоа значи дека во различни градови во државата судовите кажуваат дека на едни полициски службеници треба да се исплати повеќе плата, а во Скопје велат дека ни е доволна оваа плата што ја земаме затоа што со овие пресуди колегите веќе имаат наплатено и е докажано дека нивната плата е испод минималната, а за жал скопските судови велат дека тоа не следува. Тука доаѓа до еден голем револт, до една голема невоедначеност на платите во полицијата“,додаде тој.