Советниците на СДСМ, ПОИНАКУ и Левица стопираа европски проекти
Седум ЕУ-финансирани проекти стопирани поради немање поддршка во Советот на Битола
На последната седница на Советот на Општина Битола, советничките групи на СДСМ, Левица и Поинаку не гласаа за отпочнување на реализацијата на седум капитални инфраструктурни проекти во вредност од речиси 1 милион евра, финансирани од Европската инвестициска банка. И покрај тоа што станува збор за средства обезбедени преку кредити со исклучително поволни услови и со претходно одобрени договори, дел од советниците решија да го блокираат нивното спроведување.
Од ВМРО-ДПМНЕ, кои ја предложија точката на дневен ред, обвинуваат дека одлуката е политички мотивирана и директно штетна за граѓаните на Битола, бидејќи станува збор за проекти кои се од суштинско значење за подобрување на водоводната, канализациската и комуналната инфраструктура.
Еден од клучните проекти е реконструкцијата на водоводната мрежа и коловозната површина на булеварот „1-ви Мај“, каде веќе беше склучен договор и беше планирано теренски да се започне со работа. Наместо тоа, со неприфаќањето на предлогот од страна на СДСМ, Левица и Поинаку, целиот процес е стопиран.
Покрај булеварот „1-ви Мај“, уште шест значајни проекти ја доживеаја истата судбина:
- Реконструкција на водоводна мрежа и канализација на улицата Гаврило Принцип;
- Реконструкција на водоводна мрежа и канализација на улицата Паца Ванчова;
- Реконструкција на водоводна мрежа и канализација на улицата Влатко Миленковски;
- Реконструкција на водоводна мрежа и канализација на улицата 7-ма Бригада;
- II фаза од проектот за изградба на водоснабдителен систем во селото Лисолај;
- II фаза од изградбата на фекална канализација во селото Трново.
Според опозициската советничка група, одбивањето на овие точки претставува „свесна блокада на развојни процеси“ и создавање на „неоправдан застој“ во реализацијата на проекти кои директно го подобруваат животот на битолчани. Оттаму порачуваат дека ова е вторпат како истите политички структури ги кочат европските пари за Битола.
„Дали ова значи дека СДСМ, Левица и Поинаку се против ЕУ-проекти? Дали е ова сигнал за антиевропски курс?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека граѓаните имаат право да знаат зошто се стопирани проекти со готови договори, со европско финансирање и со конкретен бенефит за јавноста.
Во јавноста веќе се отвораат и пошироки дилеми – дали зад ваквото однесување се крие партиска опструкција по секоја цена, или пак се работи за несериозен однос кон европските фондови и развојните можности кои се нудат преку нив.
Битола, според реакциите на дел од јавноста, очекува конкретни одговори, но уште повеќе – резултати на терен, каде најважни се водата, канализацијата и инфраструктурата, а не дневнополитичките поени.