Словото што не обедини: Вечна слава за светите Кирил и Методиј
Денес со гордост и трепет во срцето го славиме Денот на светите рамноапостоли Кирил и Методиј — ден кога им оддаваме заслужено признание на двајцата солунски браќа, духовници, мисионери, просветители, кодоши на писменоста и патрони на цела Европа. Ден кога ја чествуваме светлината што тие ја запалија во мракот на неписменоста и заборавот. Ден кога Македонија стои исправена со благодарност, достоинство и историска гордост.
Светиот Рамноапостолен Кирил еднаш рекол:
„Да се учи без азбука и без книги е исто како да се пишува беседа на вода.“
Таа мисла не е само филозофска вистина. Таа е темелот врз кој се изградија писмените народи на Истокот од Европа, од Русија до Бугарија, од Украина до Србија, и најнапред – тука, во нашата Македонија. Токму од тука – од Солун, од земјата на словенскиот збор и македонското срце, почна просветителската мисија што ја измени историјата.
Нивната дејност не беше само духовна, туку и културна, државотворна и цивилизациска. Со создавањето на глаголицата, а потоа и со ширењето на кирилицата, тие не само што го опишменија народот, туку му ја вратија сопствената вредност — правото самиот да го разбира Божјото слово, самиот да ја запише својата историја, својата душа, својата борба, својата вера и својата љубов.
Не е случајно што папата Лав XIII уште во 1880 година го воведе празникот на светите Кирил и Методиј за целата христијанска црква.
Не е случајно што папата Павле VI во 1964 година ги прогласи за сопокровители на Европа, ниту пак што папата Јован Павле II во 1980 година ги прогласи за патрони на Европа.
И најнакрај, не е случајно што папата Франциск, на аудиенција во Ватикан на 30 октомври 2019 година, јасно и гласно потврди:
„Христијанството во Европа доаѓа од Македонија.“
Тоа признание не е само историско. Тоа е духовно, културно и идентитетско. Тоа е темел на нашата верба дека македонскиот јазик, македонската култура и македонската писменост имаат светла и рамноправна улога во градењето на европската цивилизација.
Затоа, денес, ние Македонците со длабока почит се поклонуваат пред делото на светите солунски и македонски браќа. Ние им благодариме што нè направија писмени, образовани и достоинствени, и што преку нив, и преку нивните ученици, од Охрид до Преслав, од Нитра до Москва, блесна светлината на словото.
Македонија, како што беше тогаш, така и денес, стои во првите редови на одбраната на јазикот, културата, образованието и слободата на народите.
Да се потсетиме – писменоста не е само алатка, таа е идентитет. Таа е патот до слободата, до самопочитта и до градењето на заедничка европска иднина, каде секој народ ќе може сам да зборува, сам да пишува, сам да сонува.
Писмени, односно словени, и од Бога благословени, ние Македонците денес им оддаваме чест на Кирил и Методиј и ветуваме:
Ќе останеме достојни продолжувачи на нивното дело. Ќе го чуваме и пренесуваме македонскиот јазик, писмо и култура. Ќе останеме народ што создава, а не што заборава.
Нека е вечен нивниот спомен!
Нека е вечна благодарноста!
Нека е за многу години големиот државен празник посветен на светите рамноапостоли Кирил и Методиј – Македонците!

Да живее Македонија!
Да живее словото!
Да живее делото на светите браќа!