Пијано фест 2025: Битола пулсира во ритамот на класиката
Битола овие денови не само што звучи – таа живее во тоновите на пијаното. Со свечен концерт во величествената сала на Офицерскиот дом, синоќа започна 7-то издание на Интернационалниот пијано натпревар Piano Fest 2025, претворајќи го овој култен простор во вистински храм на класичната музика.
Настанот беше отворен со настап на НУ Камерен оркестар Битола и минатогодишната лауреатка Златица Лазарова, која уште еднаш ја потврди својата уметничка зрелост и инспиративна енергија. Вечер исполнета со емоции, префинети интерпретации и публика која со внимание го впиваше секој тон.
Организатор на фестивалот е Асоцијацијата на пијанисти и музички педагози ПИЈАНО Битола, во соработка со ЈОУ КИЦ Битола, и со поддршка од Општина Битола и Министерството за култура.
Во наредните денови, Piano Fest 2025 ќе продолжи да ги зближува младите таленти од земјата и странство, да ги инспирира љубителите на музиката и да ја потврди Битола како културен центар со меѓународен престиж.






