Денес официјално пуштање во употреба на магистралниот пат Охрид–Св. Наум
По речиси четири децении исчекување, денес официјално ќе биде пуштен во употреба рехабилитираниот магистрален пат Охрид–Св. Наум, во должина од 24,3 километри. Овој значаен инфраструктурен проект, кој поврзува дел од најпосетените туристички дестинации во земјава, ќе биде отворен со обраќање на премиерот Христијан Мицкоски.
Од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) истакнаа дека патот, кој има регионално значење и е директна врска со Република Албанија, конечно доби ново облеко по рехабилитацијата што започна во август 2023 година и се заврши во рамки на предвидениот рок.
Во рамки на реконструкцијата, заради зголемена безбедност и прегледност, беа расчистени нестабилни карпести косини, а на критичните делови беше поставена заштитна челична мрежа. Целта – побезбеден, пофункционален и поатрактивен пат за сите кои патуваат кон еден од најпознатите македонски манастири и езерски бисери – Св. Наум.
„Со оваа рехабилитација го унапредуваме не само квалитетот на сообраќајната инфраструктура, туку и туристичкиот потенцијал и економскиот развој на регионот,“ посочуваат од ЈПДП.
Проектот е реализиран со средства од 11,7 милиони евра, обезбедени од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта, а неговата реализација претставува уште еден важен чекор во подобрување на патната мрежа во земјава.