Рекорден интерес за мерката за самовработување – над 2.500 пријави за само четири дена!
Во Киното „Манаки“ во Битола се одржа инфо-ден на кој беа претставени мерките и активностите од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година. Настанот го отвори заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, а присуствуваа и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, претставници од соседните општини, како и од Агенцијата за вработување и Агенцијата за поддршка на претприемништвото.
Настанот беше можност стопанственици, комори, занаетчиски и младински здруженија, како и граѓаните да се информираат за отворените повици и мерките што се дел од новиот, рекордно обемен Оперативен план.
Заменик-министерот Ристески изјави дека планот за 2025 година е најголемиот досега, со предвиден буџет од 2,5 милијарди денари (околу 40 милиони евра), што е за 7,5 милиони евра повеќе од претходната година. Главниот фокус е ставен на мерките за самовработување, особено кај младите:
- Млади до 29 години може да добијат до 10.000 евра – за 4.000 евра повеќе од лани.
- Лица над 29 години имаат можност за до 7.000 евра поддршка.
- Достапна е и можност за самовработување преку здружување на две лица во форма на ДОО.
Повиците се отворени до 20 јуни 2025 година, а сите информации се достапни на веб-страницата на Агенцијата за вработување: av.gov.mk
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, подвлече дека овие мерки се во согласност со напорите на општината за создавање подобри услови за младите и нивно задржување во татковината.
„Фокусот ни е младите да ги задржиме овде, посебно во време кога економската емиграција е многу изразена. Како локална самоуправа преземаме низа активности – од подобрување на инфраструктурата, поддршка на спортот, младинските совети, до практикантски програми во соработка со УКЛО“, истакна Коњановски.
Весна Пешова, в.д. заменик-директор на Агенцијата за вработување, нагласи дека оперативниот план има инклузивен пристап, а најмалку 40% од мерките се насочени кон младите.
Во наредниот период, според утврдена динамика, ќе следуваат и нови јавни повици во рамките на планот. За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат во најблискиот Центар за вработување.