Невреме на повидок – предупредување за граѓаните на Пелагонија и пошироко

Под влијание на фронтално пореметување, во текот на наредниот период Република Македонија, а особено Пелагонискиот регион, ќе биде зафатена од серија на нестабилни метеоролошки процеси. Станува збор за продор на поладна воздушна маса на висина која ќе предизвика дестабилизација на атмосферата, особено во попладневните и вечерните часови.

Во овој период, се очекува локален развој на силни конвективни облаци проследени со поројни врнежи од дожд, засилен ветер, електрични празнења и можна појава на град, кој може да биде изразено крупен на поединечни локации. Загреаната и енергетски исполнета атмосфера дополнително ги засилува условите за развој на невреме со значителен интензитет.

Пелагониската котлина, поради својата географска положба и топографски услови, ќе биде под директно влијание на овие процеси. Според метеоролошките анализи, се очекува нестабилност во реонот на Битола, Могила, Новаци, Крушево и прилепската котлина – со посебен акцент на отворените и ниско поставени терени.

Температурите ќе останат вообичаено високи за овој период од годината, со дневни вредности кои ќе се движат во интервал од 27°C до 35°C. Во Битолско и Прилепско, максималните дневни температури ќе достигнат до 34–35°C, што дополнително ќе ги подготви условите за развој на силни нестабилности.

Во таа насока, упатуваме јасна препорака до граѓаните и институциите во Пелагонија:

  • Да се избегнува престој на отворен простор во текот на попладневните и вечерните часови кога се очекува најголема нестабилност;
  • Да не се засолнуваат под осамени дрвја или метални конструкции;
  • Да се заштитат возилата и земјоделската механизација од евентуални штети предизвикани од град или ветер;
  • Посебно внимание да посветат земјоделските стопанства, имајќи предвид дека појавата на град може да предизвика значителни штети врз земјоделските култури.

За навремено и прецизно информирање, граѓаните можат да ја користат бесплатната алатка за рано предупредување од невреме НОТАС, која е достапна на следниот линк:
🔗 https://nothas.finki.ukim.mk

Грижата за личната и колективната безбедност мора да биде на прво место. Подгответе се соодветно и следете ги сите официјални известувања.


1158

Задолжително

Verified by MonsterInsights