Започнува првото издание на Мултимедијалниот саемски фестивал на книгата „Критична маса“ во Битола
Од 25 до 28 јуни 2025 година на платото пред Офицерски дом – ЈОУ КИЦ Битола ќе се одржи првото издание на Мултимедијалниот саемски фестивал на книгата „Критична маса“. Овој нов културен настан, поддржан од Министерството за култура преку конкурсот за проекти од национален интерес, ќе понуди четиридневен празник на книгата, винил плочите и стриповите.
Фестивалот „Критична маса“ ги собира најголемите и најреномираните издавачки куќи од целата држава, кои ќе имаат можност да ги изложат и продаваат своите изданија на Саемот на книгата 2025. Покрај книгите, посетителите ќе можат да уживаат во богата понуда на винил плочи преку реномираните винил продавници, како и во изложби и дружби посветени на стрип уметноста.
Музичкиот амбиент на фестивалот ќе го создадат локалните познавачи и љубители на винил плочи, кои ќе пуштаат исклучиво плочи за време на целиот фестивал.
Отворањето на фестивалот е закажано за среда, 25 јуни, во 19:30 часот, на платото пред Офицерски дом – КИЦ Битола.
Ги покануваме сите љубители на книгата, музиката и стрипот да го посетат овој уникатен културен настан и да уживаат во богатството на културата што „Критична маса“ ќе го понуди.
