Ѓорче Петров – Умот и срцето на македонската револуција
На 28 јуни 1921 година, на една софиска улица, падна човекот што животот го претвори во пламен за слободна Македонија. Ѓорче Петров – учителот, револуционерот, мислителот – стана симбол и жртва на една епоха во која македонската кауза бараше и ум, и оружје, и несопирлива вера.
Роден во прилепското маало Варош, 1865 година, Ѓорче уште како дете ги чувствувал нееднаквоста и неправдата. Сите велат дека од мали нозе зборувал за слобода како за нешто природно, како за воздухот. Со шест класно образование, со книги во раката и револвер под појасот, тој успеал да го изгради темелот на македонското револуционерно движење.
Првата искра ја запалил како ученик во Солунската гимназија – оттаму бил избркан зашто не можел да молчи пред османлиската власт. Потоа, како млад учител низ Штип, Скопје и Битола, создавал тајни комитети и ширел идеја што за многумина била лудост – идеја за достоинство и независност.
Историјата на македонската револуција не може да се пишува без неговото име.
Во 1896 година, рамо до рамо со Гоце Делчев, го составува новиот статут на ВМРО – документ кој трасира патеки на организацијата што ќе стане синоним за отпор.
Од 1897 до 1901, во Софија, водејќи тивка дипломатија и жестоки полемики, се спротивставувал на врховистичките обиди да се стави движењето под бугарска капа.
Иако против прибрзаното кревање на оружје, не се оддалечил од својот народ. Во летото 1903 година, со чета учествува во Илинденското востание – последниот обид Македонија да издигне глава пред османлискиот џин.
На Рилскиот конгрес, 1905 година, тој ја бранел самостојноста на македонската организација како човек кој не признавал тутори над македонската волја.
Со падот на Султанот и доаѓањето на Младотурците, Ѓорче се надеваше на нова политичка иднина. Во 1908 година го основа списанието Културно единство, свесен дека без култура и знаење нема вистинска слобода.
Малкумина знаат дека Ѓорче Петров бил и еден од првите македонски етнографи и географи. Неговото дело Материјали по изучванието на Македонија од 1896 година е книжевен споменик на македонската земја и народ.
Тој не се задоволуваше со пушки и пароли. Издаваше весници – На оружје, Востаник, Бунтовник – преку кои ја подготвуваше јавноста за нови етапи на ослободителната борба.
По Првата светска војна, кога надежта за автономна Македонија повторно се разгоре, Петров се приклучи на Временото претставништво. Но македонската револуција одамна веќе не беше единствена и неделива – раздорите, судирите и амбициите меѓу различни струи беа како скриени мини.
На 28 јуни 1921 му пресудија со куршум, како дел од внатрешната борба што ги разјадуваше македонските редови.
Тој ни остана како живо потсетување дека револуцијата пред сè љубов, идеал и жртва за нешто поголемо од сопствениот живот.