БИТОЛСКИ ТЕАТАР И КУД „ИЛИНДЕН“ ГО ОТВОРИЈА МАКЕДОНСКОТО КУЛТУРНО ЛЕТО ВО ПУСТЕЦ
Народен театар – Битола со претставта „Снежана и седумте џуџиња“ го отвори јубилејното 20. Македонско културно лето во Пустец, Албанија.

На програмата истата вечер беше и битолското културно-уметничко друштво „Илинден“, кои настапија на концертот на Драган Даутовски.

Претставата и концертот се одржаа на плоштадот „Гоце Делчев“ во Пустец, а фестивалот претходно за отворен го прогласи Едмонд Сотир, основач и организатор на фестивалот.
„Ова е вистинско богатство и празник за нас, претставување на македонската култура онаму каде што е најпотребно, овде во Пустец, Албанија.“ – потенцираше Сотир.
Вечерва на фестивалот ќе се изведе претставата „Вечера за глупаци“ на Народен театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес по што следува концерт на Сашко Костов и Орхидеја Дукова.
Утре (03.07) во Музејот „Стерјо Спасе“ во Глобочани ќе биде претставена изложбата „Охрид низ фотографии“. На 4-ти јули на плоштадот „Гоце Делчев“ ќе се изведе уште една детска претстава, „Рибарот и златната рипка“ според Пушкин. Фестивалската програма завршува на 5-ти јули со концерт на ансамблот „Преспа“ на островот Мал Град.