Дополнителни амандмани: Протоколот да влезе во Извештајот, „македонска“ влада да се замени со влада на Р.С.М
Официјална Софија има јасна цел – со внесување на Бугарите во уставот, ќе ги негира пописните податоци во Македонија и ќе бара соодветна застапеност.
Ова го порача денеска премиерот Мицкоски, на прашање – дали очекува во иднина нови барања од Бугарија со оглед на бројката од 216 илјади бугарски пасоши во Македонија, која ја објави бугарската влада, веднаш откако извештајот за земјава, го помина филтерот на АФЕТ – Комитетот за надворешни работи во Стразбург.
Христијан Мицкоски премиер – Токму тоа е и целта на официјална Софија, со внесување на неколку стотини македонски граѓани кои што се дел од бугарската заедница – во уставот, да се повикува на таа бројка и да вели дека пописните податоци не се точни и дека присуството на бугарското малцинствово Македонија е повеќе од 10 проценти и ќе бара соодветна застапеност. За жал тоа не успеаа да го видат од претходната влада и не доведоа во ваква ситуација. Иако и тогаш ги предупредувавме дека ова е крајната цел.
А на само еден ден од пленарната дебата за Извештајот за напредокот на Македонија за 2023та и 2024та година во Европарламентот, експертите, порачуваат дека македонската дипломатија се соочува со пораз, со оглед на заедничкиот амандман на ЕПП, социјалистите и демократите, за отстранување на формулацијата – Македонски јазик и идентитет од документот.
Димитар Николовски директор на Евротинк – Центар за европски стратегии – Прилично јасна е ситуацијата со оглед на тој консензус помеѓу најголемите политички партии во Европскиот Парламент. Ќе биде тргната формулацијата за македонскиот јазик и идентитет. Тоа ќе биде пораз за македонската дипломатија. Затоа што, тоа на почетокот ако се сеќавате, премиерот Мицкоски прилично помпезно го најави – дури го кажа како вековен идентитет. Значи очекувањеата кај макеоднската јавност беа многу високи. Најверојатно на тоа и не му е местото во тој извештај, но ќе беше убава порака за нас.
Утре, европратениците ќе го дебатираат прочистениот текст за документот за Македонија , а поднесени се дополнителни 28 амандмани од политичките групации во ЕП. Со амандманот 20 поднесен од тројката европратеници Халицки ( во име на групата ЕПП) Ван Бремпт ( во име на социјалистите) и Барна ( од групацијата либерали) се бара бришење на макеоднскиот јазик и идентитет од документот.
Левицата во Европарламентот бара наместо македонска влада, да стои – Влада на Република Северна Макеоднија, а бугарските европратеници повторно имаат амандман со кој бараат Протоколот со Бугарија да влезе во Извештајот за напредеокот на земјата. Гласањето се очекува да се случи во среда.