ДЛУБ СО ТРАДИЦИОНАЛНА ГОДИШНА ИЗЛОЖБА НА БИТ ФЕСТ
На 10 јули 2025 година (четврток), со почеток во 20:00 часот, во изложбениот салон на Културниот центар Магаза – Битола, ќе биде отворена традиционалната годишна изложба на Друштвото на ликовни уметници на Битола. Настанот се реализира со поддршка од БИТ ФЕСТ и претставува значаен културен настан кој повеќе од пет децении го одразува континуираниот придонес на битолските уметници кон развојот на ликовната сцена во градот.
На изложбата ќе бидат презентирани 35 уметнички дела – слики, дигитални графики и скулптури, создадени во текот на 2024 и 2025 година, од страна на 34 автори од Битола и други градови низ државата. Изложбата се одликува со стилска разновидност, концептуална свежина и јасна насоченост кон современите текови во ликовната уметност.
Меѓу учесниците на изложбата се: Симеон Силјановски, Роберт Михајловски, Драган Најденовски, Слободан Рајчевски, Ване Костуранов, Вангел Срнаков, Синиша Кашавелски, Владимир Илиевски, Владимир Младеноски, Стефан Анчевски, Маријан Котевски, Тони Попов, Татјана Манева, Филип Јовески, Бојана Артиновска, Симона Мирчевска, Дијана Колонџоска, Димитри Балојани, Мирјана Бубевска, Маја Танева, Петар Кирановски, Александар М. Поповски, Ѓорѓи Зајаковски, Душан Шешиќ, Златко Крстевски, Бојана Тошевска, Валентина Илијевска, Дејан Макаријовски, Љупка Галазка-Василев, Билјана Толевска Наумовска, Николче Српчански, Динко Ненов и Виктор Лозанов.
Изложбата ќе биде отворена за јавноста и ќе понуди ретка можност за директна средба со современото уметничко творештво на етаблирани и млади автори од македонската ликовна сцена.