Централниот регистар во првите редови на дигиталната трансформација
Во рамки на активностите за унапредување на процесите на дигитална трансформација во јавната администрација, претставникот на Министерството за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, оствари работна средба со директорката на Централниот регистар на Република Северна Македонија, д-р Анита Стамнова, и директорот на КИБС АД Скопје, г. Горан Анастасовски.
На средбата беше презентирана и разгледана успешната реализација на целосната интеграција на системот за единствена регистрација и најавување корисници на Централниот регистар со националниот систем за електронска идентификација (еID), кој се администрира преку Министерството за дигитална трансформација.
Исто така, Централниот регистар официјално го имплементираше системот OneID – решение за автентикација на корисници на високо ниво преку КИБС, што претставува значаен чекор кон обезбедување сигурен, унифициран и централизирано контролиран пристап до дигиталните услуги.
Со оваа интеграција, се овозможува граѓаните и деловните субјекти да добијат поедноставен, побрз и побезбеден пристап до услугите на Централниот регистар, без потреба од користење повеќе кориснички имиња и лозинки – со можност за единствена најава преку еден систем.
Централниот регистар продолжува да ја потврдува својата улога како една од водечките институции во процесот на дигитална трансформација, со фокус на подобрување на ефикасноста, пристапноста и безбедноста на јавните услуги.