Вечерва започнува „Пивофест“ во Прилеп: Македонска музика, регионални ѕвезди, пиво и скара под отворено небо
Со концертна програма посветена на македонската музичка традиција, вечерва во Прилеп започнува едно од најпопуларните летни случувања во земјава – фестивалот на пивото „Пивофест“. Градот, веќе препознатлив по својата гостопримливост и урбана фестивалска енергија, викендов ќе пречека илјадници посетители од целата држава и пошироко.
Првата вечер од фестивалот ќе понуди богата музичка програма под отворено небо, со акцент на домашната уметничка сцена. На сцената ќе настапат Камерниот оркестар од Битола во придружба на вокалистката Наде Талевска, која ќе донесе нов пристап кон традиционалните звуци, а истовремено ќе настапат и реномираните Андријана Јаневска, Антониа Гиговска и Ристо Самарџиев, кои ќе понудат разновидна музичка селекција – од поп балади до препознатливи евергрини.
Фестивалот продолжува во сабота, 19 јули, кога публиката ќе има можност да ужива во настапот на Харис Џиновиќ, еден од најистакнатите балкански изведувачи. Џиновиќ, познат по својот богат репертоар и харизматични настапи, со сигурност ќе ја подигне атмосферата до самиот врв, исполнувајќи го просторот со добро расположение и хитови кои се пеат на цел Балкан.
Кулминацијата на „Пивофест 2025“ е закажана за недела, 20 јули, кога на главната сцена ќе настапи Никола Роквиќ. Со својата карактеристична изведба, моќен глас и балканска емоција, Роквиќ ќе го заокружи викендот со концерт кој ветува силен впечаток и вечери исполнети со песни што ја преминуваат времето.