Работна средба на градоначалникот Коњановски со новоназначениот амбасадор на Македонија во Франција

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денеска во својот кабинет оствари средба со новоназначениот амбасадор на Република Македонија во Франција, г. Игор Николов. Средбата претставуваше можност за размена на мислења и идеи за продлабочување на соработката помеѓу локалната самоуправа и македонската дипломатска мисија во Париз, со цел унапредување на односите со пријателска Франција.

На состанокот присуствуваше и почесниот конзул на Франција во Битола, г-ѓа Калиопа Кривашија Стилиновиќ, долгогодишна поддржувачка на француско-македонската соработка во регионот.

Разговорот се фокусираше на досегашната успешна соработка помеѓу Битола и неколку француски градови, особено во областа на образованието преку ученички и студентски размини, во културата преку заеднички фестивали и уметнички програми, како и во областа на противпожарната заштита и размена на добра практика помеѓу професионалните служби.

Градоначалникот Коњановски изрази благодарност за поддршката што Франција и нејзините локални партнери ја пружаат на Битола во повеќе сфери и ја потенцираше подготвеноста на општината да продолжи со проактивен пристап во реализација на меѓународни проекти и програми.

Амбасадорот Николов нагласи дека неговиот мандат ќе биде посветен на унапредување на односите помеѓу двете земји и дека француско-македонските врски имаат силен потенцијал за понатамошно продлабочување. Посебно беше истакната важноста од продолжување и зацврстување на односите со збратимениот град Епинал, со кој Битола има воспоставено пријателска врска веќе неколку децении.

На крајот од средбата беше изразена заедничка волја за унапредување на институционалната комуникација и соработка, со цел создавање нови можности за економски, културен и општествен развој, како и за интензивирање на контактите меѓу граѓаните на Битола и Франција, во духот на европските вредности и билатерална солидарност.


1191

Задолжително

Verified by MonsterInsights