Зголемена потрошувачка на вода предизвикува намален притисок во водоводната мрежа во Битола
Поради екстремно високите температури што го зафатија регионот, Јавното комунално претпријатие „Водовод“ – Битола информира дека потрошувачката на вода во градот драстично е зголемена, достигнувајќи над 700 литри во секунда, што значително го надминува вообичаениот капацитет на системот.
Како резултат на ова оптоварување, притисокот во водоводната мрежа е намален, а граѓаните, особено оние кои живеат во критичните и повисоките делови од Битола, се соочуваат со проблеми во редовното водоснабдување.
Од претпријатието апелираат до сите корисници за рационално користење на водата и ја повикуваат јавноста да ја користи исклучиво за основни потреби – пиење, лична хигиена и готвење. Дополнително, граѓаните кои живеат во висококатници се потсетуваат да ги користат своите хидрофорски системи, со цел да обезбедат соодветен притисок во домовите.
„Им благодариме на сите граѓани за разбирањето и соработката во овие вонредни услови“, велат од ЈКП „Водовод“ – Битола.