Дрвената граѓа поскапува – ќе се одрази ли тоа во градежништвото кај нас?
Дрвената граѓа е новиот материјал во градежништвото што се додава на листата суровини што значително поскапуваат откако во претходните неколку години градежниците алармираа на поскапување на основните градежни материјали, но и на работната сила. Имено, цената на оваа суровина за една година се зголеми дури за 38 проценти. Берзански дрвената граѓа се пресметува и продава во т.н. 1.000 board foot (една таква метрика „1.000 стапки дрвена граѓа“ зафаќа 144 кубни инчи дрво или должина и ширина од еден метар, а дебелина од еден инч). Нејзината цена лани изнесуваше околу 500 американски долари, а годинава се движи на ниво од околу 680 долари. Оттука, се отвора прашањето дали и колку тоа може да влијае на крајните цени во градежниот сектор? Прашањето станува дотолку полегитимно ако се земат предвид и очекувањата за наредниот период според кои ќе продолжи трендот на ценовен раст на дрвената граѓа.
„Цената на дрвената граѓа е под влијание на трошоците за суровини, енергија и логистика, намалената понуда поради климатските влијанија и рестриктивните политики за сеча, како и зголемената побарувачка за природни и одржливи материјали на европскиот пазар. Како и кај сите градежни материјали, цената имаше нагли скокови во 2021 и 2022 година, а денес е релативно стабилна, со просек од околу 300–350 евра по кубен метар, и со умерен нагорен тренд“, велат од Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија.
Влијанието на поскапата дрвена граѓа во градежништвото кај нас е минорно
За разлика од САД, на пример, каде што речиси една петтина од градежните материјали што се користат при градбата се всушност дрвена граѓа, во Македонија сликата е поинаква. Уделот на дрвената граѓа во градбите е многу помал и не надминува три отсто.
„Влијанието врз цената на градба зависи од видот на објектот. Во станоградбата и изградбата на помали деловни објекти кај нас најзастапени се армиранобетонските конструкции. Во зависност од начинот на градба, дрвената граѓа не може да учествува со повеќе од три проценти. Кај индустриски и инфраструктурни проекти, дрвената граѓа има минимално учество, без директен ефект на нејзиното поскапување“, велат од Здружението за градежништво при Стопанската комора во одговор за „Блумберг Адрија“.
Според податоците од Државниот завод за статистика, во 2024 година вкупниот трошок на градежните компании за дрвена граѓа изнесува 70,7 милиони денари, или околу 1,15 милион евра, и во однос на претходната, 2023 година, бележи раст од само 0,5 проценти. Инаку, само за споредба и во насока на потврда на тоа дека учеството на дрвената граѓа во градежништвото е мало, оди и податокот дека вкупните трошоци на градежниците за извршените работи лани изнесуваат речиси 12 милијарди денари, односно речиси 195 милиони евра.
Здружението за градежништво смета дека цената на дрвената граѓа во регионот ќе остане стабилна, со мал пораст во наредниот период поради трошоците за логистика.
Но дали ова ќе биде уште еден изговор за зголемување на цените на недвижностите?
Пазарот на недвижности во земјава веќе долго време е во нагорен ценовен тренд, а тоа е најмногу изразено кај становите (особено во главниот град). Народната банка забележа значителен годишен раст на цените на становите во Скопје од 22,3 проценти во вториот квартал од 2025 година. Цените на становите во главниот град продолжуваат со забревтан раст во период во кој се бележи спласнување на изградбата на нови станови.
Растот на цените на недвижностите, кој особено забрза од 2021 година, не забавува бидејќи побарувачката се покажа како доста отпорна, и покрај фактот што во претходните неколку години имаше зголемување на каматните стапки и период на побавен раст на кредитите во 2023 година и почетокот на 2024 година, неодамна аналитичарите на „Блумберг Адрија“, споделувајќи го својот став не само за Македониј, туку и за речиси целиот регион Адрија.
Кои се најголеми извозници на дрвена граѓа во светот?
Според податоците на „Глобал вуд“ (www.globalwood.org), Канада, Германија и САД се трите најголеми извозници на дрвена граѓа во глобални рамки, а далеку зад нив се Шведска, Кина, Финска, Бразил, Русија, Австрија и Франција. Интересно е што иако САД се трет најголем извозник на дрвена граѓа, сепак, најголем дел од извозот на лидерот, Канада, оди токму на американскиот пазар.
преземено од Блумберг Адрија