35 години од основањето на ОK ВМРО-ДПМНЕ Прилеп – продолжение на илинденската идеја

Прилеп, градот на револуционерите и чувар на македонската слободарска традиција, одбележува значаен јубилеј – 35 години од формирањето на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
На 19 август 1990 година беше основан прилепскиот огранок на партијата, кој во изминатите децении се наметна како носител на политички промени, извор на нови идеи и двигател на локалниот развој.

Свеченоста по повод овој јубилеј се одржа на амфитеатарот во населбата Варош, кој беше исполнет до последното место. Настанот го одбележаа говорите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на Македонија, Христијан Мицкоски, како и на претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, Дејан Проданоски. „Идеја што не запира, вредности што носат промени! 35 години ВМРО-ДПМНЕ, 132 години ВМРО,“ – порача Мицкоски во своето обраќање.

Историски осврт – од Берлин до Скопје

Корените на партијата датираат од април 1990 година, кога во ресторанот „Ново Скопје“ во Берлин се одржа првиот консултативен состанок. Под водство на идеологот Драган Богдановски и група македонски патриоти во емиграција, се поставија темелите за новата политичка сила што требаше да ја врати илинденската идеја во современ политички контекст.

На 17 јуни 1990 година, во Домот на младите „25 Мај“ (денешно МКЦ) во Скопје, се одржа Основачкото собрание на ВМРО-ДПМНЕ. Настанот беше проследен со силен патриотски набој, присуство на патриоти од сите краеви на Македонија, но и делегати од Европа, Америка и Австралија.

Програмата со која партијата настапи на првите плурални избори беше инспирирана од Илинденскиот заветен идеал: борба за слободна, независна и суверена македонска држава. Во неа беа вградени стратегиски цели како: престројување на југословенската федерација во конфедерација, создавање на национална македонска армија и банка, распуштање на злогласната Служба за државна безбедност и враќање на иселените Македонци без страв од политички прогон.

Прилеп – бастион на идејата

Со формирањето на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп, на 19 август 1990 година, градот доби ново политичко обележје. Како духовен наследник на револуционерната традиција, ОК Прилеп остана двигател на многу изборни победи и локални иницијативи, секогаш ставајќи го интересот на граѓаните во прв план.

Прилепчани уште еднаш потврдија дека револуционерниот дух од Илинден, Крушевската Република и НОБ е жив и дека политичката мисла на ВМРО продолжува да се развива преку современата државотворна политика на ВМРО-ДПМНЕ.

Со овој јубилеј, Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп не само што го слави своето минато, туку и ја зацврстува својата определба за иднината – за Прилеп, за Македонија.


1386

Задолжително

Verified by MonsterInsights