Македонски Брод добива прв дневен центар за активно стареење во рурална средина

Македонски Брод ќе биде првата општина во државата која ќе добие дневен центар за активно стареење во рурална средина. Досега вакви центри се отвораа исклучиво во градските подрачја.

Новиот центар ќе биде сместен во селото Самоков, длабоко во Поречието, и ќе има капацитет во текот на денот, во траење од осум часа, да прими 50 лица. Тука тие ќе можат да го поминуваат своето слободно време, да се дружат и да се социјализираат.

Установата ќе биде лоцирана во објектот на стариот интернат во Самоков.

Градоначалникот Жарко Ристески изјави: „Ќе има дневна услуга, односно ќе има ангажирано едно стручно лице, а исто така и помошно-технички персонал. Повозрасните лица ќе можат активно да ги поминуваат своите години, а тоа значи и дека животот во Самоков се приближува до оној во поголемите градови и административни центри. Овој проект првично започнал во 2009 година, но тогаш не бил реализиран. Денес, во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади, повторно се активира.“

Во првата фаза е предвидено проектот да трае пет години. Центарот секоја година ќе добива по пет милиони денари од државата, а во првата година дополнителни 1.700.000 денари за реконструкција и преадаптација на дел од просториите. Дел од нив веќе се опремени со инвентар од првата имплементација на проектот во 2009 година.

Центарот ќе го опфаќа целото Порече – Самоков и соседните населени места.


1384

Задолжително

Verified by MonsterInsights